X
 19.03.2024 Живот

Бирото за развој на образованието бара дислоцирање на ФИНКИ и трајно решавање на просторниот проблем

Реакција од БРО по повод објавениот текст на 18.3.2024: ФИНКИ бара дислоцирање на БРО и привремено решавање на просторниот проблем, придружен со СООПШТЕНИЕ од ФИНКИ:

Бирото за развој на образованието интензивно работи на унапредување на образованието на децата и младите, следејќи ги светските трендови и актуелни прашања кои децата и младите треба да ги запознаат, научат и применат. Такa, изминативе години особено внимание посветивме на вклучување на медиумската писменост во образованието, односно на оспособување на децата и младите критички да им пристапуваат на информациите, да препознаваат лажни информации, да разликуваат мислења од факти, да ги вреднуваат информациите и врз основа на тоа да донесуваат соодветни и одговорни одлуки.

Ваквите промени навистина тешко се имплементираат особено затоа што голем дел од возрасната популација сѐ уште ги нема овие знаења и вештини или пак, знаејќи ги, свесно ги злоупотребува во своја полза. Таков пример е објавениот текст произлезен од Соопштението на седницата на Управата на ФИНКИ, на која се донесени три заклучоци.

Ќе се обидеме да поставиме прашања (како засеганата страна) во врска со дописот и со секој заклучок поединечно.

1. Во чиј интерес „се запознава“ јавноста со „проблемите“ на Факултетот, со тоа што „се расправало“ на состанокот и кои „заклучоци“ произлегле од состанокот? Дали медиумите ги пренесуваат сите заклучоци донесени од совети, состаноци, колегиуми на сите јавни и државни установи? Дали проблемите на една установа се позначајни од проблемите на друга установа? Дали така се решаваат проблемите, или „по обичај“, се притиска во јавноста за да се добие тоа што се бара од Владата, од МОН...?

2. Дали во надлежност на Факултетот е да бара на користење простории што не се во негова сопственост, а во кои веќе 40 години е сместено Бирото за развој на образованието? Дали е во надлежност на Факултетот да „бара од Владата“ да се дислоцира друга државна установа за да ги реши „привремено“ сопствените просторни проблеми? Дали „управата“ на Факултетот е запозната дека Бирото за развој на образованието од сите досегашни Влади бара решавање и тоа трајно на просторните проблеми? Дали „управата“ е запозната со значењето на институцијата во државата, со историјатот на институцијата и нејзините потреби и проблеми? Со кое законско и морално „право“ „управата“ на Факултетот се дрзнува да дава „произволни“ решенија за друга институција што се од суштинско значење за таа институција, само за да реши сопствен „просторен проблем“? Дали „управата“ на Факултетот знае дека на нивното барање, кое се обидува да го „протурка“ цела година, Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии даде негативно мислење коешто е во прилог на задржување на просториите од страна на Бирото за развој на образованието како и Агенцијата за катастар на недвижности, која исто така, даде негативно мислење?

3. Како е можно „управата“ на Факултетот да се заканува со штрајк доколку Владата не ѝ додели имот (и тоа не нивен, туку државен), што го користи друга значајна институција, а притоа не се залага и не ја „притиска“ Владата да им се доизгради започнатиот објект во Универзитетскиот кампус и така трајно да го реши својот проблем, просторен? Дали, по истата логика, Бирото за решавање на својот проблем со просторот и условите за работа треба да се заканува со штрајк и да ги повикува на поддршка сите наставници доколку не му се додели објектот во кој е сместена на пр. Владата?

Ова се главните прашања кои јавно ги упатуваме (со препознатливи одговори), а спремни сме да ги дадеме и фактите во врска со долгогодишните постапки, документите, имотните листови, одлуките итн. Меѓутоа, сметаме дека тоа не е проблем кој треба да го решава јавноста преку медиумите. Во сегашниот контекст само повеќе ќе се „заострат“ позициите, ќе се остави медиумски простор за „линч“ на поединци и институции. Затоа предлагаме надлежните за ова прашање да организираат заеднички состанок и отпочнување на решавање на проблемот на двете институции, со рамноправно учество на двете институции за да се дојде до прифатливо и трајно решение во корист на двете институции.

И на крај, да дообјасниме: не верувајте на насловот - „манипулативен“ е и „наведувачки“, и може да се користи како вежба од медиумска писменост. Сепак, намерата не е преку насловот да „ловиме кликови“, туку да ја пласираме нашата вистина. Затоа, читајте и откријте ги фактите преку поставените прашања.

Бирото за развој на образованието не бара дислоцирање на ФИНКИ и е спремно да стори сѐ доколку постои начин и има такви ингеренции, да му помогне на ФИНКИ да го реши просторниот проблем, но не по цена на разнебитување на сопствената институција, не по цена на „селење во непознат правец“, без соодветни услови за работа, со рушење на достоинството и на институцијата и на вработените. Сѐ додека нема трајно решение за соодветни простории за Бирото за развој на образованието, според потребите и надлежностите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги пружа на повеќе од 23.000 наставници, јавно порачуваме, и до ФИНКИ и до Министерството за образование и наука и до Владата, дека нема да дозволиме „привремени“ решенија, кои кај нас, од искуство, остануваат трајни.

Биро за развој на образование







Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот