X
 04.05.2018 Технологија

Валентин Пепељугоски: Земање податок од „Фејсбук“ е исто како да сте начекале отворен автомобил и сте си го однеле дома

Законската регулатива е добра, но не се спроведува. Ниту по службена должност. Така, власта си го купува социјалниот мир преку дозволувањето да се користи авторското право и сопственост, вели проф. Пепељугоски


„На студентите им велам: ’Ете ми го автомобилот на паркинг. Отклучен е, а клучевите се внатре. Земете го!‘ – ’Како професоре, па тоа е забрането!‘ - ’Па исто и на Фејсбук! Забрането е да земате нечии фотографии или податоци‘“.
Вака професорот и адвокат Валентин Пепељугоски преку пластичен пример објасни како денес на интернет во секој миг се повредуваат авторските права, на секаков можен начин.

Пепељугоски учествуваше на презентацијата на проектот „Слобода на интернет“, која тукушто заврши на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а ја организира Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.


Пепељугоски (втор од лево): Законската регулатива е добра, но не се спроведува

Излагачите ги претставија резултатите од истражувањата на тема слобода на интернет и заштита на авторските права. Пепељугоски, долгогодишен проучувач на авторските права, вели дека двете области се регулирани со многубројни меѓународни регулативи и конвенции, кои нашата држава ги ратификувала.

- Сепак, генерално, сите чинители кај нас немаат знаење и не се информирани какви се реперкусиите. Законската регулатива е добра, но не се спроведува. Ниту по службена должност. Така, власта си го купува социјалниот мир преку дозволувањето да се користи авторското право и сопственост – вели Пепељугоски.

Д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ, вели дека настанот е исклучително значаен за нашето општество и за нашата земја. Според него, информатиката денес е динамична област, а живееме во време кога драматично се менуваат околностите, технологиите добиваат нови начини на нивна употреба.
- За жал, има и злоупотреба. ФИНКИ не е само технички факултет бидејќи информатиката е во силна корелација со сите општествени текови. Сведоци сме како брзо се менуваат нештата, како социјалните мрежи стануваат главни канали на комуникација и информирање, како печатените медиуми мигрираат кон електронски – вели тој.

Чорбев е дециден дека познавачите на информатички науки и компјутерско инженерство не треба да бидат пасивни гледачи на тековите, туку да помогнат со употреба на информатички алатки да се сочува и надгради слободата на говорот.
- Од друга страна, и да се сочуваат авторските права на луѓето, да се поштедиме од лажни вести и слично. Информатичките науки и технологии треба да се употребат во сите текови на модерното живеење – рече Чорбев.


Филип Стојановски (прв од лево): Целта е да поттикнеме јавна дебата

Филип Стојановски, програмски директор на „Метаморфозис“, рече дека денешниот настан е всушност синергија на два проекта – слобода на интернет и отвореност на институциите.
- Сметавме дека двете теми се многу компатибилни бидејќи нашето право на слобода на изразување оди рака под рака со правото да ги дознаеме информациите. А должност на институциите е да бидат поотворени, отчетни и одговорни кон нас, граѓаните. Затоа сакаме да поттикнеме јавна дискусија за подобро да ги сфатиме состојбите во однос на тоа какви се законските рамки кај нас и како се спроведуваат. Понатаму можеме да дискутираме како тие да се подобрат и како да се подобри нивното спроведување – вели Стојановски.

На него се надоврзува Лилјана Пецова-Илиеска, проектен координатор. Таа вели дека се опфаќаат темите на отчетност, одговорност на институциите и како се рефлектираат во однос на интересот на граѓаните.
- Тука се и авторските права на граѓаните, нивната приватност, заштитата на личните податоци, говор на омраза на интернет итн. Широка дебата и тема. Не случајно го организираме на ФИНКИ, затоа што заеднички заклучивме дека во сиве овие ситуации треба да предвиди помош и поддршка од ИТ-секторот, од технички компетентен персонал кој ќе може да помогне при собирање докази, евентуално во судски постапки – вели Пецова-Илиеска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија