X
 19.06.2025 Живот

Иранскиот збогатен ураниум служи само за атомска бомба, тврди нуклеарен физичар

Минатиот четврток Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека иранската нуклеарна програма повеќе не е наменета за цивилна и мирна употреба. Според експертот за нуклеарна безбедност, д-р Зденко Шимиќ од швајцарскиот институт „Пол Шерер“, Иран не дозволува доволна контрола врз нуклеарниот материјал, што е клучно за спречување на ширењето оружје.

МААЕ открила дека Иран поседува над 400 кг ураниум збогатен до 60 отсто. Доколку се збогати до 90 отсто, тоа е доволно за производство на десетина нуклеарни бомби. Израел го оцени ова како директна закана и одговори со воздушна операција, напаѓајќи објекти во Натанс, Исфахан и Фордо.

Зошто 60 отсто е проблематично?

Природниот ураниум содржи помалку од 1 отсто U-235, изотопот што се користи за фисија. За нуклеарни централи се збогатува од 3 до 5 отсто, додека за оружје треба над 90 отсто. Ураниумот збогатен на 60 отсто е опасно блиску до таа граница.

Ваквото збогатување е несоодветно за цивилна и мирна употреба и техничката разлика меѓу реактор и бомба е во степенот на контрола врз фисијата.

Како се збогатува ураниумот?

Природниот ураниум се претвора во гас (UF₆) и ротира во центрифуги, каде што се одвојува U-235. Илјадници вакви циклуси се потребни за повисока чистота. Се претпоставува дека  дел од овие технологии Иран ги набавил од Пакистан. Израел во 2010 г. уништил околу 800 центрифуги со компјутерскиот вирус „Стукснет“.

Иран користи подземни бункери како оној во Фордо, кои се тешко достапни и за ракети и за инспектори.

Последици од нападите


Нападите уништиле стотици центрифуги, неколку објекти и, според извештаите, убиени се најмалку 14 ирански нуклеарни научници. Претходно, во периодот од 2010 до 2020 година, израелската тајна служба Мосад извршила неколку атентати во кои биле ликвидирани пет до шест научници поврзани со нуклеарната програма.

Д-р Тадиќ истакнува дека ова можеби претставува најсилниот удар што Израел му го задал на Иран.

- Иран не е земја со бесконечен научен потенцијал што може во секој момент да донесе нов кадар од светот. Освен тоа, се поставува прашањето колку луѓе воопшто сакаат да се занимаваат со оваа област кога постои постојан ризик од ликвидација од страна на Мосад и колку од нив се доволно лојални за да веруваат дека сегашниот ирански режим треба да поседува нуклеарна бомба - објаснува д-р Тадиќ.

Шимиќ додава дека само времето ќе покаже колку убиствата на водечките експерти и уништувањето на дел од фабриките ја забавиле иранската нуклеарна програма.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот