X
 26.06.2017 Култура

Умберто Еко: „Како да не го употребувате мобилниот телефон“

Лесно е да им се потсмевате на сопствениците на мобилни телефони. Најпрвин, треба да се утврди во која од петте можни категории припаѓаат: Во првата се хендикепираните, приморани постојано да бидат во контакт со докторот или со брзата помош. Нека биде благословена технологијата која им ставила на располагање толку корисна направа. Во втората група спаѓаат сите кои поради битни работни обврски се во состојба на постојана приправност (раководители на пожарникарски бригади, селски лекари, трансплантатори на органи во исчекување на свеж труп или Буш, бидејќи ако него го нема, светот ќе падне во рацете на Ден Квејл.) За нив мобилниот телефон е работа на чиста потреба и речиси никакво задоволство.

Трети се прељубниците. Тие првпат во историјата можат да примаат пораки од тајниот партнер кои не можат да ги уловат членовите на нивните семејства, секретарките или злобните колеги. Доволно е телефонскиот број да го знаат само таа и тој (или тој и тој, таа и таа: не можам да се сетам на останатите можни комбинации). Сите тр наведени категории го заслужуваат нашето почитување: за првите две сме спремни да бидеме вознемирувани во ресторан или за време на погреб, а прељубниците се доста дискретни.

Следуваат преостанатите две, и тоа ризични категории (за нив самите и за нас). Во едната се сите оние кои не се движат никаде ако немаат можност да зборуваат за фриволните работи со пријателите и роднините од кои штотуку се разделиле. Тешко е да им се објасни зошто не би требале да го прават тоа: ако не успеваат да побегнат од принудната интеракција и да уживаат во моментите на самотија, ако не можат да се заинтересираат за тоа што го прават во моментот, да ја искусат оддалеченоста бидејќи ја спознале блискоста, ако не можат да не се расфрлаат со својата празнотија туку од неа прават амблем и барјак, па добро, тоа тогаш е проблем за психолозите. Ни пречат, ама мораме да ја разбереме нивната страшна внатрешна сиромаштија, благодарни сме што самите не сме такви, и ќе им простиме (не дозволувајте да ве обземе луциферската радост што не сте како нив, бидејќи тогаш тоа е горделивост и недостаток на милосрдие). Прифатете ги како свои блиски кои страдаат и пружете им го и второто уво.

Последната категорија (во која се, на најниското општествено скалило, и купувачите на лажни телефони) ја чинат личностите кои сакаат да остават впечаток во јавноста дека се многу барани, посебно поради работни консултации: разговорите кои сме принудени да ги слушаме на аеродромите, во рестораните или возовите секогаш се однесуваат на парични трансакции, за непристигната пратка на метални профили, на обиди да се наплати испорачаната партија на вратоврски и слично, поради што секој говорник звучи помалку како Рокфелер.

Поделбата на класи е суров механизам, па новиот богаташ, и кога заработува енормни суми, поради наследениот пролетерски жиг не знае како да го употребува приборот за риба, ќе закачи кадифен мајмун на задното стакло на своето Ферари, Свети Кристофор на таблата за инструменти на приватниот авион, или изговара management; и затоа нема да биде поканет кај војвотката од Гуермантезе (а ќе праша зошто кога има јахта доволно долга да спои два брега). Тие не знаат дека Рокфелер нема потреба за мобилен телефон, бидејќи има цел секретарјат, толку моќен и ефикасен што, во најлош случај, ако баш почине дедо му, ќе му пријде возачот и ќе му го шепне тоа на уво. Моќен човек е оној кој не мора да одговара на секој повик; напротив, обично велат дека не е тука. И на пониското управувачко ниво две нешта симболизираат успех: клуч од приватен тоалет и секретарка која ќе кажува „господинот моментално не е во канцеларија“.

Затоа, секој се расфрла со мобилниот телефон како симбол на моќта, објавува дека, напротив, е во безнадежна потчинета положба, приморан да скока на повиците дури и кога води љубов, секојпат кога претпоставените го бараат, осуден да ги прогонува поверителите дење и ноќе за да преживее, и самиот прогонет поради чекот без покритие. Но чаталењето со мобилните телефони е доказ дека не ги знае тие работи и потврда на неговата неоспорна општествена маргиналност.

(1991)

Од Како да се патува со лосос, во превод на Бојан Станишиќ, 2011
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура