X
 19.06.2026 Живот

Рим добива нова атракција што ќе ги воодушеви љубителите на мачки

На секого му се случило барем еднаш додека посетува позната туристичка локација да забележи мачка и на крај да направи цела галерија фотографии од својот нов „пријател“, наместо од самите знаменитости.

Некои градови се познати токму по љубовта кон мачките, а меѓу нив се издвојуваат Истанбул, Котор и Рим. Ако планирате патување во Рим, можеби ќе ве воодушеви необична нова тура што ги спојува разгледувањето, лесното трчање и мачките.

Обиколка на колониите на мачките

Туристичката агенција „Аркеоранинг“, која од 2016 година организира водени тури за трчање низ Рим, ја осмисли турата „Мачките на Рим“ која ги води учесниците до антички локалитети на кои денес живеат колонии на мачки.

Турата ја води историчарката на уметност и основачка на „Аркеоранинг“, Изабела Калидона, а рутата долга 6 километри започнува рано наутро, помеѓу 6 и 7 часот, пред градот да се разбуди и улиците да се наполнат со туристи.

Авантуристичката тура започнува на археолошкиот локалитет на Храмот на Изида и Серапис во областа Кампо Марцио, што е симболичен почеток, бидејќи во стариот Египет мачките се сметале за свети животни.

Потоа учесниците поминуваат низ „Ареа Сакра ди Ларго Аргентина“, уште едно место познато по голема колонија на мачки, па се искачуваат на Капитолскиот рид за да уживаат во погледот на градот, а рутата продолжува до познатиот Колосеум.

Последната станица е пирамидата на Цестиј, каде што ги чекаат уште мачки.

- Оваа тура е за оние што сакаат да се изгубат, да забележат детали и да трчаат доволно бавно за навистина да видат - изјави Калидона.

Цената на турата започнува од 50 евра по лице, под услов да се пријави група од пет учесници.

Звучи како совршен начин да се започне денот истражувајќи го Рим во друштво на неговите најшармантни жители.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Instagram

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот