X
 28.09.2023 Наука

Првата сообраќајна сигнализација - еве како патувале Римјаните ноќе

Според историчарите, Римската Империја го достигнала својот врв во 116 година од нашата ера, за време на владеењето на императорот Марко Улпиј Трајан. Римската култура потоа го освоила целиот Медитеран, вклучително и Франција и Велика Британија.

Трагите од ова влијание останале во подоцнежните цивилизации, а нивната изградба на патишта и другите технологии биле многу напредни за таа ера. Така, римските патишта имале иновативен систем на рефлектирачки знаци пред повеќе од два милениуми, а изградбата на мрежа од камени патишта што минувале низ целата империја била амбициозен проект започнат од Рим пред околу 2.300 години.

Преку овие патишта граѓаните и легиите можеле брзо и ефикасно да се движат низ освоената територија. Ова било значително подобрување во однос на патиштата што се користеле во тоа време и претставува основа на која се засноваат современите патишта.



Римските патишта биле градени со камен, што им давало цврстина и овозможувало движење на кочиите и коњите. Меѓутоа, Римјаните се соочиле со голем предизвик да патуваат ноќе без светла. За да се реши овој проблем, бил дизајниран првиот систем со рефлектирачки сообраќајни знаци во историјата.

Концептот бил едноставен и ефективен. Римјаните вметнале низа мали бели камења меѓу обичните темни камења што се користеле за патот. Овие мали бели камења, таканаречени „тигарски очи“, ја рефлектирале светлината од месечината и така ги воделе патниците во текот на ноќта.

Оваа светлина не била силна, но им помагала на патниците да се движат ноќе. Ова е една од првите регистрирани употреби на рефлектирачки материјал на улиците.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука