X
 19.07.2025 Колумни

Колумна: 10 најголеми тајни - 10 (не)видливи причини зошто на талентите им треба поддршка

„Талентот е упад во просечноста!“

1. Талентот не вика – тој тивко свети – тој шепоти. Талентираните деца ретко се гласни или „проблематични“. Тие се често мирни набљудувачи, впиени во свои светови. Образовниот систем често реагира само на оној што бара помош, а талентот најчесто не бара, туку самиот го бараат – ако некој го слушне. Тие често не „врескаaт“. Системот е поставен да реагира на гласните, а не на тивките искри. Тие не бараат внимание – тие го заслужуваат, но системот им го дава на оние што најгласно го побаруваат.

2. Стравот од непредвидливост. Дарбата се меша со дисциплински „проблем“. Талентот е непредвидлив. А училиштата често се дизајнирани да не ризикуваат, туку да стандардизираат. Талентираните често покажуваат бунтовен дух, несекојдневно однесување или иронија. Ова се перципира како непослушност, а не како длабока интелектуална процесност која бара различен пристап.

3. Наставниците не се доволно обучени за работа со талентираните. Истражувања (Plucker & Callahan, 2020) укажуваат дека огромен број наставници не добиле формална обука за идентификација и развој на талентот. Ако не знаеш како изгледа дијамант, ќе го третираш како обичен камен. Малку образовни програми подготвуваат наставници за дијагностика и менторство на талентираните ученици.

4. Нееднакви почетни услови. Социјални и економски бариери. Нема правичност во пристапот до идентификација, талентот не се наоѓа само во урбани училишта или кај социјално повластени деца. Талентираните се насекаде, но не секогаш некој има време или очи да го види. Талентот од рурална средина, со помала поддршка и интерес, без ментор – има многу помали шанси да биде откриен.

5. Просечноста е мерка за „нормално“. Образованието е дизајнирано за просекот. Наставните планови, тестовите и програмите се оптимизирани за „просечниот ученик“. Но талентите се аномалија на еднаквоста на величествен начин – тие не припаѓаат на средината на ѕвончестата крива. Сѐ што отстапува се третира или како „проблем“ или како „непрактично“. А талентот секогаш отстапува.

6. Страв од „елитизам“. Рамнодушност и завист кај возрасните. Талентот е закана за конформизмот. Да, постои – особено кога дете покажува способности поголеми од возрасни. Потсвесно, некои авторитети се повлекуваат или дури и го саботираат. Системите сакаат предвидливост. А талентираните ученици поставуваат прашања, рушат правила, менуваат логики. Ним им треба слобода, а слободата ретко е приоритет во институциите. Многумина се плашат дека поддршката на талентите ќе биде неправедна – и се оди во крајност, никому ништо посебно.

7. „Задоцнета емпатија“. Дијагностиката на талентот е (не)дефиниран процес. „Задоцнета емпатија“ го означува доцнењето во емпатиската реакција на образовниот, родителскиот или социјалниот систем кон специфичните потреби на талентираните деца. Тоа значи дека се доцни со препознавање на внатрешниот свет на детето, се запоставуваат неговите емоционални и когнитивни потреби, емпатијата се јавува дури откако детето ќе се повлече, ќе се фрустрира или ќе се приспособи на просекот.

8. Прекумерна бирократија. Нема време за талент. Брзината, притисокот и масовноста го укинуваат вниманието кон индивидуалноста. Талентот бара време за набљудување, менторство и дијалог, нешта кои се луксуз во преполнети училници. Дури и кога некој ќе ги открие, нема кадар, нема програма, нема ресурси – има само: „Ќе видиме.“

9. Талентот руши рамнотежа, го нарушува поредокот. Системот сака уредност, тишина и предвидливост. Талентираните деца се креатори на хаос – тие поставуваат непријатни прашања, одбиваат шаблони и ги предизвикуваат нормите. Секој што е исклучителен ја вознемирува структурата. Системите не сакаат да бидат вознемирени, па го негираат талентот.

10. Талентот е упад во просечноста. Тој е најрафинираната форма на непослушност затоа што ја разобличува инерцијата. Кога талентот ќе се појави – просечноста се чувствува разоткриено. Поради тоа, многу системи го игнорираат, минимизираат или го туркаат надвор.

КЛУЧНИ АСПЕКТИ:

„Најголемата тајна е што талентот не е игнориран поради незнаење, туку поради страв.“ „Талентираноста не е привилегија, туку обврска. Да ги препознаеме не значи да ги фаворизираме, туку да не ги изгубиме.“ Треба да имаме поголемо разбирање за длабочината на нивната чувствителност, често имаат повисока емотивна резонанца, но таа се меша со „претенциозност“ или „нестабилност“. Нивниот асинхрон развој бара емпатија кон нивниот развоен дисбаланс, кој често се игнорира. Емпатија не треба да доаѓа само по појава на проблем. Наместо превентивна емпатиска поддршка, тие добиваат внимание дури откако ќе се случи отпор, досада, проблеми во однесувањето или социјална изолација. Талентираните учат да ја кријат својата уникатност. Се адаптираат на просекот за да бидат прифатени. Развиваат страв од неуспех, перфекционизам или емоционална изолација. Потребна е проактивна емпатија – наставниците, родителите и стручните служби треба предвреме да бидат обучени да препознаваат сложени емоционални и интелектуални потреби на талентирани ученици. Емпатија базирана на потенцијал, а не на резултат. Не треба да се чека на „постигнување“, туку да се препознава длабокиот внатрешен порив, љубопитност, чувствителност. Институционализирана емпатија подразбира воспоставување системски механизми за емоционално следење на надарените ученици – лични ментори, емпатиски асистенти, мрежа за поддршка.

Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни