X
 19.08.2025 Колумни

Колумна: Примената на вештачката интелигенција во наставата - закана за критичкото размислување кај учениците и студентите!

Примената на вештачката интелигенција веќе е дел од нашето секојдневие. Многумина ја користат првенствено за свои потреби. Но, дали вештачката интелигенција може да ја подобри наставата? Како таа ќе влијае врз социјалниот развој на учениците? И како влијае на нивното критичко размислување? Сосема е јасно и оправдано постоењето скепса во врска со успешната примена на вештачката интелигенција во наставата.

Вештачката интелигенција, како на пример апликацијата „Чет-ГПТ“, неофицијално веќе ја користат учениците и студентите за свои потреби. Но, многумина ја оспоруваат нејзината евентуална примена во наставата. Ова го покажуваат речиси сите анкети (без исклучок) направени во европските земји. Задачи и вежби по мерка за учениците со помош на вештачката интелигенција засега остануваат само утопија, првенствено затоа што наставниците едноставно немаат време соодветно да ги подготват своите задолжителни „аналогни“ и „дигитални“ планови за реализација на наставата.
По спектакуларното јавно лансирање на апликацијата за вештачка интелигенција „Чет-ГПТ“ на крајот на 2022 година, вештачката интелигенција повеќе не е само тема на технолошките конференции, туку таа стана тема и во нашето секојдневие. Учениците и студентите особено брзо ги препознаа придобивките од вештачката интелигенција за свои потреби. Тие несомнено добиваат голема помош од „Чет-ГПТ“ и слични апликации за решавање на домашните задачи, ги користат четботовите како помагала за учење, за подготовка на испити и за презентации.

Но, колку е ова полезно? И какви се последиците за нив и за идните генерации?

Примената на вештачката интелигенција во наставата е ограничена и бесполезна!

Целта на најголемиот дел од спроведените анкети покажува дека сè уште е рано да се препознае нивната примена во наставата и да се даде поттик за реформи, иако во најновите анкети улогата на вештачката интелигенција првпат во историјата на образованието зазема централно место.

Анкетите, без исклучок, покажуваат дека две третини од анкетираните наставници ги гледаат „Чет-ГПТ“ и сличните апликации како одлична можност за таканаречено персонализирано учење. Ова е затоа што апликациите за вештачка интелигенција можат во голема мера да им помогнат на одделни ученици да напредуваат.

Но, наставниците речиси и да немаат можност овие апликации да ги применуваат во наставата, независно од тоа што на учениците и студентите тие им овозможуваат да учат со свое темпо и да им поставуваат на апликациите толку специфични прашања колку што сакаат. Сосема е јасно и оправдано постоењето скепса во врска со успешната примена на вештачката интелигенција во наставата. Постои ризик вештачката интелигенција да ги ограничи социјалните и комуникациските вештини на учениците и студентите, како и нивните способности за критичко размислување. Причината е јасна: Иако апликациите како „Чет-ГПТ“ на поставените прашања одговараат брзо и прецизно, сепак тие претставуваат ризик за успешна реализација на наставата. Тие даваат навидум прецизни одговори, но не ги поттикнуваат, ни охрабруваат учениците и студентите да ги проверат и оспорат информациите кои ги добиваат. На тој начин на учениците и студентите им е ускратена можноста да разгледуваат спротивставени гледишта или самостојно да анализираат релации и односи.

Затоа постои голема опасност по долгорочна примена на овие апликации младите да ја изгубат можноста за критичко размислување. Ова е особено ризично за учениците кои се на возраст кога проценката и независноста сè уште им се развиваат. Постои огромна опасност со далекусежни последици ако учениците и студентите им дозволуваат на апликациите целосно да им ги завршат сите нивни домашни задачи или презентации. Ова води кон недостаток на потребниот индивидуален ангажман, односно кон подоцнежното стекнување работни навики.

Загрижува и тоа што „Чет-ГПТ“ и сличните апликации прават грешки. Поинаку кажано, овие вештачки интелигенции често „халуцинираат“ - тие даваат информации кои навидум се издржани и веродостојни, но во дадени ситуации се целосно измислени. Иако одговорите на вештачката интелигенција звучат веродостојно, тие сепак можат да бидат погрешни, неточни, застарени или искривоколчени. Без насочување и критичко размислување, алатката која е креирана со цел да помогне во учењето може да има спротивен ефект, односно да биде контрапродуктивна.

Одговорноста е заедничка!

Еднострана забрана за користење на вештачката интелигенција во секојдневниот живот, па дури и во наставата исто така е контрапродуктивна. Сепак, „Чет-ГПТ“ и сличните апликации веќе подолго време се дел од животот на младите и речиси е невозможно да ги протераме од секојдневниот живот, па дури ни преку забрани. Секој од нас, а особено наставниците треба да стекнат сопствено искуство со ползување на новите технологии и нивната примена во наставата. Соодветна обука за примена на вештачка интелигенција во наставата би била од суштинско значење. Само на овој начин на учениците и студентите може да им се овозможи технологијата да ја користат внимателно и одговорно. Ако знаеме правилно да ја ползуваме вештачката интелигенција, таа може во голема мера да ни го олесни секојдневното оптоварување и да ни даде поголема слобода.

Но мора да имаме предвид дека ова се само почетоци. Фактот што наставниците секојдневно се преоптоварени со административна работа, која е со несфатливи временски ограничувања - особено во основните и средните училишта, претставува голем стрес-фактор. Наставниците од тие причини се чувствуваат преоптоварени дури и со примената на дигиталните содржини во наставата. И покрај овие предизвици, професионалната етика на наставниците останува изненадувачки висока. Во постојниот образовен систем секоја наметната примена на вештачката интелигенција во наставата е неоправдана и контрапродуктивна!

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни