Наставниците во Велика Британија се соочуваат со најниско ниво на благосостојба од 2019 година, според хуманитарната организација „Еџукејшн супорт“.
Нејзиниот најнов извештај наведува дека образовниот сектор е во криза и предупредува дека образованието на младите ќе страда ако не се преземат мерки за задржување на наставниците во професијата.
Синдикатите на наставници во Англија истакнаа дека училиштата се соочуваат со огромен стрес и притисок.
Портпаролот на Министерството за образование изјави дека владата ја враќа вокацијата наставник како високоценета професија, додавајќи дека минатата година стапката на заминување на наставниците била една од најниските од 2010 година.
„Еџукејшн супорт“ еднаш годишно ги мери стресот, менталното здравје и благосостојбата кај наставниците и раководителите на училишта преку индексот „Благосостојба на наставниците“.
Повеќе од 3.000 вработени во образованието, регистрирани преку анкетната услуга „Југов“, одговориле на прашања за своето ментално здравје и благосостојба помеѓу јуни и јули оваа година.
Резултатите на организацијата покажуваат:
- 76 отсто од вработените пријавиле чувство на стрес;
- 77 отсто рекле дека имале симптоми на лошо ментално здравје поради работата;
- 86 отсто од раководителите се чувствувале под стрес, при што многумина пријавиле знаци на исцрпеност и прегорување.
Извештајот ја користи и Скалата за ментална благосостојба на Ворвик–Единбур, која ја оценува благосостојбата според тоа колку често лицето се чувствува оптимистично, релаксирано или блиско со другите. Поголеми резултати укажуваат на пооптимистички психолошки став.
Во споредба со општата популација, наставниците и раководителите имале понизок резултат на благосостојба. Резултатот на образовниот персонал бил 43, додека кај општата популација резултатите биле: 51 во Англија и Северна Ирска, 49 во Велс, и 48 во Шкотска.
Повеќе од една третина (36 отсто) од вработените имале резултат под 41, што укажува на веројатна клиничка депресија.
- Итно е потребна национална стратегија за задржување на кадарот, која ќе ја става благосостојбата на персоналот во својот фокус - изјави извршната директорка на „Еџукејшн супорт“, Синеад Макбрерти.
Поранешната директорка Хилари Мичел ја напуштила професијата оваа година, по 32 години работа, вклучувајќи пет години како директорка на основно училиште во Волсол.
- Бев премногу исцрпена кога ќе се вратев дома. Не можев да спијам. Бев раздразлива поради постојаните барања и чувство дека никогаш не завршувам доволно добро работа - изјави таа и додаде дека оваа одлука ѝ донела голема тага и не била дел од нејзиниот кариерен план.
Владата се обидува да ја подобри благосостојбата на наставниците како дел од манифестот за регрутирање 6.500 нови наставници. Сепак, анализа на Националната фондација за образовни истражувања покажа дека бројот на непополнети места достигнал рекордно ниво и регрутирањето на наставниците останува „постојано ниско“.
Синдикатите на наставници повикуваат на приоритет за благосостојбата, работното оптоварување и поддршката од владата.
Министерството за образование потврди дека веќе работи на регрутирање и задржување наставници, како и дека презема мерки за решавање на проблемите со однесувањето на учениците, оптоварувањето на наставниците и лошата благосостојба на персоналот.
Извор:
BBC
Фото: Freepik