X
 19.12.2022 Култура

„Везилке, кажи како да се роди проста и строга македонска песна...“ - На денешен ден е роден Блаже Конески

На денешен ден во 1921 година, во Небрегово, е роден Блаже Конески - темелник на современиот македонски јазик, основоположник на македонистиката и на македонската филологија, еминентен професор, лингвист, литературен историчар, научник и писател со бележита меѓународна репутација, член на неколку академии на науките и уметностите, почесен професор на низа еминентни универзитети, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија, поет, прозаист, есеист, публицист, преведувач.

Во негова чест во продолжение ве потсетуваме на неколку негови дела.

Уживајте, а доколку сакате да ги читате неговите дела, кликнете ТУКА.

ЖЕД

Тие ја презираа, потајно, мојата историска свест
со сè што се изведува од неа.
Тие го ценеа само мојот допир
на различни делови на телото
спрема моето текнување и фантазија,
а поради морниците.
И не можеа да се откажат од тоа,
чувствувајќи дека само еднаш се дава.
Остарени,
тие уште повеќе ги негираат моите сфаќања,
и се уште порамнодушни спрема мојата
дневна судбина,
само споменот ги враќа понекогаш со жед
кон моите секнати извори.

НОЌ

Глува ноќ.
Вие пес.
Повик грд.
Напнат бес.
Глува ноќ.
Вие пес.
Коби смрт.

ДЕЦАТА

Тие одлетаа негде неповратно
нашите пилци
и нив ги грабна во темнината
овој огромен хаос.
Запустено е гнездото,
загубена неговата топлина,
и самата помисла за ред и спокојство
станува престапна.
Како сме ги лажеле, колку бедно сме ги лажеле
нив наивните,
водејќи ги за рака!
И еве сега ги носи негде неповратно
бранот на овој црн хаос,
како и нас,
и само еднаш доживеан миг
на извонредна блискост
уште нè сврзува со нив
со блесок.
О миг на љубов меѓу измами!

БЕБЕ

Ти преташ со ножињата
како да ткаеш на разбој.
Ти си бело топче
што се полни со млеко,
за да ги надува обравчињата и мешето.
Ти си научило да се смееш
пред да сфатиш
каков ризик земаш
во животот.

ПОСЛАНИЕ

Без вас, Тире и Сидоне,
овде се живеело илјадници години
и пак ќе се живее.
Ние луѓето сме како тревана –
ја газат, се суши, се задушува, гине,
само земјата останува.
Ние луѓето сме како мравине –
ги гмечат, ги ништат, и пак се збрале купче.
Одовде тргнал некогаш поход до Инд,
кој можел да го предвиди тоа?
По Via Egnatia Цицерон одел во прогонство
во Солун.
Близу до Драма
призракот на Цезар му се јавил на Брута
под шаторот
спроти решителната битка.
Па се посветиле во Тивериопол
петнаест маченици.
Наум соградил манастир
на извирот на Белото езеро.
Оваа земја го крепела и Марка Кралета.
И сепак,
зар не доживувала таа униженија?
Зар можело без тоа до зрелоста?
Сето е предвидено –
ние си одиме,
а земјата останува.

ВРАЌАЊЕ
Се поврати човек во родниот град
по многу време и мака.
Што оставил еднаш тој не најде пак,
тој не најде ништо
да мрази и сака.
И прошета дента по сокаци сам
со надеж за веселба бујна.
И прошета дента, а штом падна мрак,
тој застана мрачен
крај реката струјна.
А пееше долу брзотечен бран
за нешто што неврат го гони,
и човекот сети во душата жал,
му дојде да вика
и солзи да рони.

ВЕЗИЛКА
1.
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

2.
Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесно блика
твојата везба на синото платно

За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.

Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.

– И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура