ЦИА објави преку 800.000 документи на повеќе од 12 милиони страници кои веќе се достапни за јавноста.
Иако повеќето од документите биле објавени во текот на 90-тите, јавноста тешко можела да дојде до нив. Голем дел од овие документи имаат цензурирани делови, но од нив може да се дознае и што сѐ ЦИА знаела и за ситуацијата во поранешна Југославија, Јосип Броз Тито...
Објавени се 300 документи за војната на просторот на поранешна Југославија, а меѓу нив е и документ во кој пишува дека се неопходни санкции кон Србија и меѓународна интервенција за да се спречи понатамошна ескалација на насилството. Во друг документ се наведува дека Хрватска го заобиколила ембаргото на оружјето и до крајот на 1991 година набавила оружје вредно стотици милиони долари од држава на Запад, но и од Русија, Белорусија, Бугарија...
Во документите кои ЦИА ги објавила на нејзината веб-страница, можат да се најдат податоци за различни теми, како што се нацистичките воени злосторства, експерименти за „контрола на умот“,
улогата на ЦИА во соборување на владата на Чиле и Иран и многу други податоци.
„Супер Галеб“
Поранешна СФРЈ во Америка можела да извезува авиони Г-4 вредни 10 милијарди долари, што е опишано како „работа на векот“ меѓутоа пропаднала. Југословенската државна фирма „Ес-пи-ди-ар“ и „Џенерал Дајнемикс“ имале прелиминарен договор за производство на околу 5.000 авиони Г-4 познати како „Супер Галеб“, но не дошло до реализација поради војната која започна во 1991 година.
Документите на ЦИА покажуваат дека агенцијата уште во 1981 година ги имала сите важни информации за овие авиони.
Во документот насловен како „Прво набљудување на југословенскиот Г-4 „Супер Галеб“ се наведуваат сите главни карактеристики за овој авион.
Фото: Screenshot/YouTube
За Тито
За Јосип Броз Тито, ЦИА објавила илјадници документи, бројни интервјуа, анализи на неговата политика и детали од приватниот живот. Меѓу другото, постојат и информации за трансферот на српските и црногорските фабрики во Словенија и Хрватска. Извештајот на ЦИА вели дека во 1955 година имало несогласувања меѓу српските и црногорските лидери на една и словенечките и хрватските на друга страна поради плановите за преселување на фабриките.
Во документот насловен „Советниците на Тито“ се раскажува како во 1955 година Тито се насочил кон приватниот живот, поради што не можел лично да ги надгледува сите аспекти на владата, па голем број советници се свртиле против него. ЦИА детално се занимава и со односот на Тито и Москва и можните причини за влошување на односите.
Во еден документ се зборува и за тоа како тече разводот помеѓу Тито и Јованка и се споменува дека таа била обвинета за мешање во државните одлуки што и веројатно тоа била причина за разводот.
Спроведени тестирања на видовит човек
Можеби најинтересни меѓу објавените документи се документите кои настанале од таканаречената „Старгејт“ програма, која истражувала видовитост и екстрасензорна перцепција (таканаречено шесто сетило), а кои помеѓу останатото вклучуваат и тестирања направени врз Ури Гелер од 1973 година.
Други интересни документи се поврзани со сведочењето на летечките чинии и рецепти за невидливо мастило. Иако голем дел од овие информации се јавно достапни од 1990-те, досега беше навистина тешко да се дојде до документите, до кои можело да се пристапи од четири компјутери во Националниот архив во Мериленд.
Непрофитната организација која се бори за правото на пристап до информации, „Макрок“, ја тужила ЦИА со цел да ја натера да ги објави документите, а целиот процес траел 2 години.