X
 20.02.2019 Живот

Заспале во своите станови, а се разбудиле во хотел со 4 ѕвезди

Во босанскиот град Зеница може да се видат многу необични нешта. Минатата година тамошните медиуми пишуваа за зграда над која била изградена куќа, а сега има и нова сензација - хотел среде станбена зграда.

Жителите буквално заспале во своите станови, а утредента се разбудиле во хотел. Многумина се зачудиле кога виделе дека на зградата осамнал натпис за хотел, и тоа со четири ѕвезди.

Набрзо потоа се појавиле информации дека во рамките на станбената зграда е направен бутик-хотел, а никому не му е јасно како може да се добие дозвола за еден ваков проект да се реализира во станбена зграда.

Голем број станари се противат на отворањето на хотелот. Според Сахида Бабиќ, претседателка на куќниот совет, никој не се согласува со тоа.

- Жално е тоа што никој не побара согласност од нас, а тоа мора да се направи според законот. Ангажиравме адвокат и сега се води спор против компанијата што го отвора хотелот - вели таа.

Поради судскиот спор, инвеститорот сè уште ја нема добиено потребната дозвола.

Бабиќ вели дека е против сите закони хотелот да биде во рамките на станбениот објект.

- Уште сега е невозможно да се живее во становите и веќе имаме одредени проблеми. Хотелот е на првиот кат, а наводно има девет соби каде што е сместен и шаховски клуб. Живеам веднаш над хотелот и ни малку не е пријатно. Во зградата има уште 12 стана - вели Бабиќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот