X
 20.02.2022 Наша тема

„Стефан Гајдов“ од Велес е најстарото музичко училиште и единствено со две нови концертни пијана во земјава

За овие 76 години околу 200 ученици годишно, односно околу 10.000 ученици поминале низ старите, но зачувани училници и излегле врвни музичари, меѓу кои пијанистот Тоше Темелков, виолинистите Фросина Богдановска и Костадин Богдановски, кларинетистот Благој Ламњов

Професор д-р Тодор Јакимов и наставникот по музичко во велешката гимназија, Стојан Алчев, биле дел од Иницијативниот одбор составен од седум члена кој во периодот 1945/46 година со голем ентузијазам го формирал првото музичко училиште во Македонија „Стефан Гајдов“ во Велес.
Седумдесет и шест години подоцна, по само неколку дена откако училиштето прослави неверојатен јубилеј - 76 години постоење (15 јануари 1946), стигна уште поневеројатна честитка од еден од основачите, професорот д-р Тодор Јакимов, кој најголемиот дел од својот работен век го минал на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Велешкиот професор, иако има 96 години, се присетил на својот подвиг кој сѐ уште му буди големо задоволство и многу пријатни сеќавања за периодот од раѓањето на училиштето.



- Ја имав таа среќа да бидам еден од членовите на Иницијативниот одбор кои се зафатија и се ангажираа со голем ентузијазам и макотрпна работа и упорност за формирање на ова училиште во периодот 1945/46 година. Убедувањата за потребите од вакво училиште во нашиот град конечно вродија со плод. Да го додадам при ова и големиот придонес на музичкиот педагог Стојан Алчев, тогашен наставник по музичка настава во велешката гимназија, во првите години по ослободувањето, во времето кога и јас самиот држев настава во таа гимназија. Со задоволство се сеќавам на седниците на Одборот одржувани во доделената од Градското собрание прва зграда на ова училиште (куќа Крепиеви зад куќа Ванови кај Стар мост).
Спомените од овој Иницијативен одбор и денес ми навираат, претпоставувам како еден преживеан од неговите членови. По професија не сум во музичката дејност, освен како нејзин почитувач и љубител. Особено задоволство ми причинува што по повод годишнината во 1986, јас ја добив честа да ја откријам спомен-плочата на училиштето на влезот од старата зграда. Ви пожелувам многу, многу успеси и напредна работа, да бидете расадник на врвни музички таленти, успешни како што Велес знаел и знае да ги даде. Времето одминува, спомените остануваат! - напишал проф. д-р Тодор Д. Јакимов во своето писмо до директорката на училиштето, Светлана Ташева.

За овие 76 години околу 200 ученици годишно, односно околу 10.000 ученици поминале низ старите, но зачувани училници на „Стефан Гајдов“ и излегле неколкумина врвни музичари познати во светот, меѓу кои пијанистот Тоше Темелков, виолинистите Фросина Богдановска и Костадин Богдановски, кларинетистот Благој Ламњов.


Светлана Ташева, директорка на училиштето

- За овие 76 години интересот за изучување инструменти никогаш не се намалил. Отсекогаш најмногу се учело пијаното, па следувале виолината, гитарата, дувачките инструменти како кларинет и флејта. Во поново време и виолончело, а сега воведовме и народни инструменти. Тоа е нов отсек и на Факултетот за музичка академија. Се бараат традиционалните инструменти и мислам дека тоа ќе доживее раст во следниот период. Битно е да се одржува традицијата - вели директорката Светлана Ташева.
Низ нејзините раце поминале многу талентирани деца кои со работа почнувале уште на шестгодишна возраст.

Ташева вели дека во Македонија концептот со незадолжително учење инструменти во основните училишта е поинаков од тој во светот, но дава подобри резултати затоа што им се посветува поголемо внимание на талентираните деца.

- За детето е доволна желбата, а талентот се развива со работа. Кај децата е клучна и желбата на родителите оти сепак се мали, почнуваат на шестгодишна возраст и не знаат што точно сакаат. Не сите што доаѓаат тука се таленти, но секое дете може да изучи некој инструмент. Во светот се оди на тоа секое дете во основно училиште задолжително да изучува инструмент и тоа е во програмата на образованието. Кај нас е поинаков концептот, што е добро, издвоени се тие дечиња таленти кои ние ги препознаваме. Ако е во училиште, сите ќе мора да учат, ќе ја нема таа програма за талентирани ученици. Тука програмата е подобра, наменета за таленти кои се поактивни, учат многу и одат на натпревари. Активни се и професорите, добиваме награди, се посветува внимание на секое дете индивидуално - објасни Ташева.



Во училиштето сите класи се задоволени со инструменти. Ретко кое училиште може да се пофали со инструментариумот. Во секој кабинет има пијанино. Во тие училници каде што се изучува пијано, има по две, едно за наставникот, едно за ученикот. А кон крајот на минатата година училиштето успеа среде пандемија да набави два нови концертни клавири од австрискиот бренд „Фојрих“ во вредност од околу 50.000 евра, со што стана атрактивно за концертни активности на врвни пијанисти од Македонија.
Набавката на двете концертни пијана се случила буквално преку ноќ затоа што Ташева и нејзиниот тим имале само 24 часа да аплицираат и да подготват проект за конкурсот на Општина Велес.

- Имаше средства кои Општината требаше да ги пренамени, но беа за капитални инвестиции и за готови проекти. Некои од училиштата веќе имаа добиено грантови преку други организации. Ние немавме ниту капитална инвестиција ниту готов проект, туку само потреба од инструменти. Навистина беше потребна умешност за да се снајдеме за кратко време, му се јавив на колегата Илија Настовски, го прашав дали можеме да направиме проект за клавири до другиот ден, а тој во неверување ми рече дека ќе пробаме да направиме. На умешност, на некоја визија ги добивме, преку ноќ го направивме проектот, успеавме и со тоа се отворија многу можности за училиштето. Кога ги добивме клавирите, се заинтересира директорот на „Фојрих“ лично да види кое мало музичко училиште нарачало, не еден, туку два големи клавири. Многу му се допадна училиштето кога го виде, убаво си поминавме, тоа беше убаво доживување – со гордост зборуваше Светлана Ташева.



Целиот работен век од 40 години таа го поминала во ова училиште, од прв до последен ден и знае што значи училиштето за Велес како институција за родителите и за учениците.

- Кога доаѓаат тука, децата чувствуваат дека е поинаку, имаат внимание, грижата е поинаква. Од секое дете сакаме да изградиме нешто, влијаеме врз културата, врз односот на ученикот и врз оформувањето на неговиот карактер. Самото изучување инструмент е сосема голема надградба, духовна, интелектуална. Во однос на технологијата, се чувствува мала разлика, но не кај тие деца што имаат силен интерес за совладување на инструментите. Оти инструментот си бара работа и посветеност. Ако го нема тоа, се губи ефектот. Ништо не може да постигнеме ако не се работи и дома - потенцираше Ташева.

Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ е формирано на 15 јануари 1946, а првиот концерт учениците го имале на 31 март истата година.



Илија Настовски и Светлана Ташева
фото: Орце Костов
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема