X
 26.05.2021 Наша тема

Средношколци од Велес со гледање филмови дома, готвење и изработки собираат пари за соученици

Сега учениците продаваат рачно дизајнирани шолјички, сите со уникатни дизајни. Ги цртаат по претходна обука со дизајнер

Хемиското училиште во Велес преку проектот „Хуманост на дело“, на тема „Младите ја пренесуваат заразата на ковидот“ успеа да ја канализира енергијата на средношколците, да ги задржи дома и истовремено да им овозможи дружење без да бидат изложени на ризик од пандемијата на коронавирусот, а притоа и да поттикнат хуманост кај граѓаните.

Професорката по хемија Валентина Јовева е ментор на проектот, кој е дел од програмата Upshift на УНИЦЕФ.

- Максималниот број на ученици во проектот требаше да биде пет. Аплициравме со кратка верзија на проектот и влеговме во изборот на 14 најуспешни апликации и добивме можност да учествуваме на тридневните работилници. Требаше да се изберат пет екипи кои ќе добијат по 120.000 денари, а нашиот тим беше еден од нив. Нашата тема беше „Младите ја пренесуваат заразата на ковидот“ затоа што најчесто тие на почеток не беа зафатени, беа асимптоматски, ги заразуваат блиските во семејство. Баравме начини како да се справиме со тоа. Првата насока беше социјализацијата, како младите да ги задржиме дома, да бидат дома, но да се дружат без физичко присуство, со тоа што имаме фејсбук-страница наречена Хемшифт (кратенка од Хемиско училиште и програмата Upshift која го поддржува проектот). Тука ги ставаме сите активности и хуманитарни акции што ги одржуваме - вели професорката Јовева.



Учениците организирано гледале филмови во периодот кога немаше полициски час и кога младите се собирале надвор по кафулињата. Во викенд, 60-ина ученици некаде околу 21 часот организирале гледање филм преку платформата „Тимс“, каде што претходно на инстаграм-профилот преку гласање сите заедно го избирале филмот што ќе се проектира.
Во вториот дел од проектот, кој бил повеќе насочен кон продуктивност и бизнис-модел преку кој ќе соберат средства за социјално загрозените деца, учениците покажале раскошна креативност.



- Прво беа новогодишни и божиќни колачи направени со учениците од прехранбената паралелка. Сакавме да се презентираме пред јавноста и да собереме средства. Профитот од производите е наменет за оние ранливи категории од социјалните семејства, со тоа што прво беа опфатени учениците од Хемиско и беа купувани средства за заштита од ковид-19. Пред празникот Прочка правевме баклава. Продадовме над 60 пакетчиња со реклама на „Фејсбук“. Имавме добивка од 2.500 денари со кои купивме санитарни ковид-пакети за пет соученици - истакна Јовева.



Во моментов учениците продаваат рачно дизајнирани шолјички, сите со уникатни дизајни. Петте ученици од проектот ги цртаат по претходна обука со дизајнер.
Тимот ја направил и друштвената игра Farkle со коцки за јамб, со листови за пишување, упатство за играње на играта и рачно изработена амбалажа.
Третиот производ се блузите кои, исто така, се специјално дизајнирани.



- Целта на проектот е да ги научиме учениците да бидат способни да водат бизнис. Од правење проект преку тендерски постапки со три понудувачи до набавка, дизајнирање и продажба. Играта е 100 денари, филџанот е 120 денари со рачка во вид на срце, блузите се 850 денари, сите рачно цртани со специјални бои за текстил. Сите дизајни ги прават тие пет ученици што влегоа во тимот. Играта ја нема на нашиот пазар, но ја има онлајн и најдовме превод на упатството и ја направивме. Идеи имавме многу, но нема голем фонд да се сработи. Од средствата од проектот купивме 60 блузи, 100 шолјички, бои за текстил, бои за керамика... Една од целите на проектот е и да се купат надгледни средства со кои ќе се подобри образовниот процес. На пример, од колачите заработивме 10.500 денари, но 8.000 денари нè чинеше изработката. Тие 8.000 денари одат во училишната каса, а другите 2.500 денари профит одат за средства за социјално загрозените. Од секој купен производ, 30% од цената се наменети за ученици од истото училиште кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, додека со преостанатите средства ќе се купат помагала. Имаме доста струки, пет здравствени струки, четири хемиско-технолошки и по една текстилна и козметичка струка. Ни требаат доста помагала - образложува професорката од ССОУ „Димитрија Чуповски“.





Во тимот на професорката и ментор Јовева се вклучени ученици од четврта, трета и од прва година. Таа вели дека имала среќа затоа што ѝ се пријавиле ученици кои се одлични, првенци на генерација, активни, комуникативни и ги изработиле сите обврски што им биле доделени.
Од два класа од прва година се пријавил само Стефан. Тој ги предложил Сара и Ања, негови соученички од основно со кои заедно оделе на дебатирање. А ја предложил и сестра му Ивона од трета година, која ја дизајнирала играта Farkle.
Петтиот учесник е Викторија Јовева, која е матурант и била задолжена околу декорацијата на слатките.



- Учениците вложија многу труд во проектот, беа упорни и навистина се задоволни од сето ова што се работеше. Различни генерации се, но комуницираа одлично и затоа во контекст на пандемијата мислам дека децата ја постигнаа целта. Самиот проект предвидува и награди за учениците, ама откако ќе бидат продадени сите производи од набавката. Интересот за проекти е зголемен, кога ги прашував учениците за друг проект за кој аплициравме неодамна, се пријавија 15 деца, а баравме пет - истакна Јовева.



Професорката се надева дека следните проекти децата ќе можат да ги работат целосно со физичко присуство затоа што онлајн-наставата покажала дека активностите без физичко присуство не се адекватни за учениците од средните и од основните училишта.



- Јас би сакала да има физичка настава. Мислам дека онлајн-наставата е можеби добра за високото образование, но не и за средното. Тука професорот троши многу повеќе време потребно за подготовка на презентација, за наоѓање материјали, за подготвување на еден тест. Во однос на учениците, оваа настава е само за навистина одговорни ученици, кои работат, без разлика дали го гледаш, тој ќе научи. Некои ученици толку многу се приспособија на ситуацијата, а добар или точен одговор даваат само оние ученици што работат на час. Другите се уиграни, си праќаат пораки со точни одговори, се снаоѓаат. Тие што не сакаат да се вклучат на настава, измислуваат изговори дека имаат технички проблеми, а оние одговорните веднаш се јавуваат. Згора на тоа, технички и финансиски, ние не сме моќни за да држиме онлајн-настава - додаде Јовева.



Фото: ССОУ „Димитрија Чуповски“
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема