Минативе денови на интернет стана популарно видео од девојка која, додека чека во ред, гледа во уред што на прв поглед изгледа како телефон. Но, кога камерата се доближува, станува јасно дека тоа не е обичен мобилен телефон бидејќи уредот е проѕирен.
Во коментарите на социјалните мрежи почнаа шпекулации за тоа што држи в раце девојката? Некои беа уверени дека станува збор за проѕирен телефон на „Нокиа“, за кој наводно се шпекулираше на крајот од минатата година. Но, ако пребарате на интернет, ќе сфатите дека таков уред не постои.
Видеото го објави тик-ток- корисничка (@askcatgpt), а откако стана вирално и предизвика големо внимание, таа во следна објава објасни што навистина се случува.
Како што откри, тоа што го држи во рака не е паметен телефон, туку нешто што го нарекува метафон (metaphone). Станува збор за парче акрил во форма на телефон кое може да се нарача онлајн, а го „измислил“ нејзин пријател поради интересна причина.
Има ли смисла ваков уред?
Имено, нејзиниот пријател сакал да провери дали е можно луѓето да си помогнат во борбата со зависноста од телефони така што ќе носат нешто што изгледа како телефон и да го задржат чувството дека го имаат уредот в џеб, но без всушност да користат екран и апликации.
Прашањето е колку тоа навистина помага бидејќи луѓето не се зависни од самиот уред, туку од она што го прикажува, односно од апликациите и содржините. Интересно е што и самата корисничка признала дека откако го носи метафонот со себе, не чувствува дека помалку го користи вистинскиот паметен телефон.
Иако неговата ефикасност е под знак прашалник, таа вели дека метафонот веќе е целосно распродаден.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/Tiktok