X
 03.01.2022 Технологија

Заштеденото гориво ќе му даде можност на „Џејмс Веб“ да работи подолго од 10 години

Инфрацрвената вселенска опсерваторија „Џејмс Веб“, по направените корекции во траекторијата, потрошила помалку гориво од предвиденото, што ќе ѝ даде можност да работи подолго.

НАСА соопшти дека пред корекциите се очекувало вселенскиот телескоп да работи до десет години, но со заштедите на горивото може да работи многу подолго.

Откако беше лансиран, телескопот „Џејмс Веб“ тргна на патешествие кое ќе трае еден месец. Тој треба да ја достигне втората Лагранжова точка - областа каде што се компензираат гравитационите сили на Земјата и Сонцето. Во таа област, опсерваторијата може да остане во стабилна орбита околу Лагранжовата точка, која се наоѓа на 1,5 милион километри од Земјата.

За постигнување на оваа цел беа извршени две корекции на траекторијата на движењето на „Џејмс Веб“, направени со помошта на главните и помошните двигатели.
Првата корекција беше направена на 25 декември и траеше 65 минути, а втората на 27 декември и продолжи 9 минути и 27 секунди.

По направените маневри, резервното гориво, предвидено за неочекувани ситуации, беше заштедено. 

Горивото е еден од основните фактори што определуваат колку време може да функционира вселенската техника.

Извор: Space.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија