Ниската доверба во правосудството и во јавната администрација се (делумно) резултат на тоа што на правото се гледа само како техничка алатка која лесно може да се корумпира, што ја поткопува неговата основна функција: да биде алатка за општествена промена и правда. Сепак, се надевам дека доколку секој пристапи одговорно и достоинствено кон улогата што утре ќе ја игра во правното општество, било да е адвокат, судија, јавен службеник, професор, обвинител итн., полека може да се реформира нашата правна реалност, истакнува Ана Марија
Ана Марија Наумовска дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е избрана за најдобар студент на овој факултет за годинава. Нејзиниот просек е 10, но вели дека тоа дошло спонтано, немала таква зацртана цел од самиот почеток.
- Кога се запишав на факултет, мојата цел беше да извлечам максимум од можноста што ми се нуди: да присоберам што е можно повеќе знаење, да ја сфатам заднината на начинот на кој ги регулираме правните прашања, како таквото регулирање влијае врз општеството што го градиме и како може да ги скроиме законите за тие да одговараат на вредностите за кои се залагаме. Затоа и доста често знаев да поставувам прашања во текот на предавањата, не од формалност, туку затоа што сакав да ги разберам работите во контекст. Сметав и сметам дека само со такво разбирање можам суштински да придонесам за промени на подобро. Оваа моја детска љубопитност беше препознаена од страна на професорите, оние што го оценуваа моето знаење, и вроди со плод. Мотивирана бев од желбата да научам и да разберам, а таа моја искрена намера на крајот се исплати - ни сподели Ана Марија.
Имам обврска да го подобрам општеството во кое живеам
Наградата ѝ претставува голема чест, но и потсетник за одговорноста што ја има.
- Од една страна, наградата е признание за сѐ што сум вложила во текот на моите студии: трудот, посветеноста и љубовта кон областа која ја студирам, и е признание кое навистина ми значи. Но истовремено наградата ми буди и чувство на одговорност, не само кон себе, туку и кон општеството. Сметам дека знаењето и вештините што сум ги стекнала би биле залудни доколку не придонесат кон општото добро, особено имајќи предвид дека мојата област, правото, не ја ужива довербата на јавноста. Токму затоа оваа награда ми претставува и личен поттик, но и обврска да продолжам да придонесувам и да го подобрам општеството во кое живеам - дополнува таа.
Отсекогаш била одличен ученик, „со сите петки“ и секогаш ја интересирало сѐ, од психологија до литература и драмски, токму затоа ѝ било тешко да донесе одлука што да студира. Меѓутоа, ги избрала правните студии бидејќи таму гледала можност да се запознае со сѐ.
- Правото е сеприсутно и го регулира секој аспект на општественото живеење, па мислев дека преку неговото проучување би добила најконструктивен поглед за реалноста која ја живееме. Најголемиот предизвик со кој се соочив во текот на моето студирање беше да научам да не се преоптоварувам. Често бев преоптоварена од сопствената желба да се вложам целосно во тоа што го учам преку посетување на сите предавања, учество на натпревари и воннаставни активности. Сакајќи целосно да се посветам на сѐ, а притоа да не си го запоставам личниот живот, тешко наоѓав време да воздивнам и да се одморам. Иако уморот не го чувствував моментално, сепак кога ќе стигнев до „стојалиштето“ да одморам, сфаќав колку всушност ми недостигала пауза. Но иако го сфатив ова, сепак сѐ уште не знам дали сум научила да го применам - вели Ана Марија.
Сака да се надгради во странство
Најголемите жртви при студирањето ѝ биле сонот и слободното време. Бидејќи не сакала да трпат ни академскиот ни социјалниот живот, се навикнала понекогаш да функционира и со 4 часа сон дневно.
- На почетокот беше чудно и тешко, но кога почнав да навлегувам подлабоко во областите од правото кои најмногу ме интересираа, читањето и учењето станаа задоволство.
Најголем интерес кај мене разбуди меѓународното јавно право затоа што претставува широка област која ги утврдува минималните правни стандарди за плејада прашања кои се од фундаментално значење за човекот и општеството воопшто. Во оваа област имав можност да учествувам на два меѓународни натпревари на додипломските студии: меѓународниот натпревар Philip C. Jessup кој симулира случај пред Меѓународниот суд на правдата и натпревар кој симулира случај пред Европскиот суд за човекови права. Учествата на натпреварите ми овозможија да научам како правно, критички да аргументирам и самостојно да истражувам, што е аспект кој често се занемарува на академските студии кај нас. Токму овие искуства ја разбудија мојата љубов кон правното истражување - изјавува Ана Марија Наумовска.
Моментално е на постдипломски студии во областа на меѓународното јавно право. Целта ѝ е да изгради академска кариера токму во оваа област, но би сакала да има можност да поработи во меѓународна институција или меѓународен суд, со цел да добие практични познавања од областа која ја студира и која ја интересира.
- Кога станува збор за тоа какви промени би сакала да иницирам во областа на правото, сметам дека е од клучно значење да се врати етичката димензија на правото. Ниската доверба во правосудството и во јавната администрација се (делумно) резултат на тоа што на правото се гледа само како техничка алатка која лесно може да се корумпира, што ја поткопува неговата основна функција: да биде алатка за општествена промена и правда. Меѓутоа, во нашите услови, постигнувањето ваков интегритет на правото и правните професии ќе биде тежок и макотрпен процес. Сепак, се надевам дека доколку секој пристапи одговорно и достоинствено кон улогата што утре ќе ја игра во правното општество, било да е адвокат, судија, јавен службеник, професор, обвинител итн., полека може да се реформира нашата правна реалност. А за мене, ова одговорно вршење на работата значи зајакнување на механизмите за заштита на човековите права, залагање за конечна примена на законите, а не само нивни измени и дополнувања, дигитализација на институциите итн. - подвлекува Ана Марија.
Фото: приватна архива