X
 18.09.2023 Наша тема

Зорана Антовска, најдобар студент на Правен: „Политичките науки ги споија сите мои љубови: пишувањето, филозофијата, политиката, правото и историјата“

Имам визија и амбиција да ја градам академската кариера на мојот матичен факултет и да имам барем мал импакт во градењето на помалку аполитични, а повеќе критички настроени, самостојни, генерации студенти, истакнува Антовска

Зорана Антовска дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со просек 9,76 и е дел од најдобрите студенти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за академската 2021/2022. Таа награда и наградата „26 Јули“ за неа претставуваат потврда дека одбрала да го работи и студира она што навистина го сака.

- Претставува потврда дека во текот на изминатите четири години сум успеала да станам подобра верзија од себе и дека успешно сум научила секогаш да се споредувам единствено со себеси. Но, исто така, претставува и охрабрување кон преземање конкретни чекори за посакуваните промени во општеството, подобрување на моменталната ситуација и градење поголема перспектива за идните генерации - вели Зорана.

Таа би сакала своето образование да го надгради во странство, но да има можност на професионален план да се гради во Македонија.



Преовлада желбата, а не разумот

Таа била одличен ученик, но уште во основно училиште имала предмети кои ги фаворизирала и ги учела со љубов. Ѝ зборувале дека со политички науки не може да успее многу или, пак, дека успехот е возможен доколку се зачлени во политичка партија, нејзиниот ум гледал малку подалеку од тоа.

- Отсекогаш ме интересирале политичките процеси, правото, историјата и затоа за многу луѓе беше несвојствено кога се запишав во средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“. Иако во основно бев скроз одличен ученик, „Корчагин“ беше втората истанција кога сфатив дека повеќе ме привлекуваат општествените науки. Додека не се грижев многу за двојката по физика, одев да ја поправам секоја четворка по историја и филозофија. Но, повторно да можам да изберам средно училиште – повторно би го избрала „Корчагин“. Најдрага приказна за мене е мојата одлука да се запишам на политички науки. Политичките науки ги споија сите мои љубови: пишувањето, филозофијата, политиката, правото и историјата. И кога на 18 години си принуден да ги слушаш мислењата на луѓето од твоето блиско опкружување и сите минати негативни искуства на луѓето во твоето пошироко опкружување, тешко е да се остане на првичната желба. Додека сите ми зборуваа дека со политички науки не можеш да успееш многу или, пак, дека единствено успехот е возможен доколку се зачлениш во политичка партија - мојот ум гледаше малку подалеку од тоа. И многу сум среќна што на крајот преовлада желбата, а не разумот - ни споделува Зорана.



„Ме стимулираше секоја мала пофалба од професорите“


Вели дека најголем предизвик при студирањето ѝ била онлајн наставата бидејќи нејзината група била навикната на секојдневни долги дебати во факултетските амфитеатри.

- За среќа, голем дел од професорите навистина се обидоа  да не ја почувствуваме разликата во тој период. Низ тие дебати ние учевме многу и верувам дека како јас, така и колегите се пронајдовме себеси, нашите вредности и верувања. Исто така, како огромен предизвик ги гледам тие неколку месеци додека бев претседател на факултетското студентско собрание. Сепак, тешко е да балансираш меѓу желбите на студентите и реалните можности. Како голем предизвик би го споменала и барањето пракса, која е исклучително тешко да се најде. Најчесто праксата е неплатена, а изборот за пракса за политиколози е ограничен. Од друга страна, најмногу ме стимулираше помислата дека секој нареден семестар, секој нареден испит, сакам да бидам подобра од тоа што сум била претходно. Ме стимулираше секоја мала пофалба од професорите, секоја предложена обука, но и секоја направена грешка. Најмногу од сè ме стимулираше помислата дека секоја моја посветеност во и надвор од факултетот, секој јавен настап или дебата, беше насочен кон подобрувања наменети за сите млади, а не само за мене - истакнува Зорана.

Често жртвување на добриот сон

Таа дипломира со просек 9,76, а најмногу ја мотивирал стремежот секој ден да биде подобра, како и посветеноста на одредени професори.

- Токму тие професори претставуваат пример за тоа што сакам да постигнам во иднина. Мислам дека кога нешто правите со љубов, несебично се вложувате и тоа ве исполнува и ве прави среќни, не е тешко да се постигне успех. Сето тоа бара одредени жртви. Често беше жртвуван добриот сон, но најмногу беа жртвувани релациите со моите најблиски - вели Зорана.

Како најдраги предмети за чија подготовка биле потребни многу непроспиени ноќи ги споменува: современи политички теории, политичка филозофија и политички систем.

- Најсакан проект ми беше работата на клубовите за популарна демократија, кои ги водевме заедно со моите професори, МОФ и „Вестминистер фоундејшн фор демокраси“, каде што имав можност кратко време да предавам во државниот училиштен центар за образование и рехабилитација ,,Партениј Зографски“. По завршувањето на додипломските студии, ги започнав моите магистерски студии на насоката Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија. Првиот чекор е магистратурата, а понатаму би сакала да запишам докторски студии во странство. Уште од дете имав пасија да им го пренесувам моето знаење на другите луѓе, а особено да ги објаснувам заблудите што се секојдневие во политичката сфера. Годинава станав демонстратор на Катедрата за политички науки во областа на теоретските политички науки, а набрзо потоа станав програмски асистент на Клиниката за бегалци и миграции, исто така при Правниот факултет. Имам визија и амбиција да ја градам академската кариера на мојот матичен факултет и да имам барем мал импакт во градењето помалку аполитични, а повеќе критички настроени, самостојни, генерации студенти - дополнува нашата соговорничка.



„Би сакала да учествувам во градењето подобро утре“

На прашањето какви промени би сакала да иницира, вели дека би сакала младите да се помалку аполитични и повеќе едуцирани.

- Она што секојдневно, со децении го гледаме во нашето општество е далеку од вистинското значење на политологијата. Би сакала повеќе запишани студенти во нашите амфитеатри, кои ќе бидат ценети многу повеќе од страна на општеството за разлика од сега. Би сакала помала партизација, а поголем квалитет. Политичките науки претставуваат многу повеќе од партија, но ја даваат токму потребната заднина за подобри лидери. Затоа најмногу од сè, можеби и помалку платонистички, би сакала некогаш да видам дел од овие луѓе на највисоките позиции бидејки мислам дека тие најдобро ќе го знаат патот за подобро утре. Би сакала моето образование да го надградам во странство, но би сакала да имам можност на професионален план да се градам во Македонија. Сѐ уште во мене постои некоја искра надеж која вели дека овде сепак може да биде подобро. Би сакала да учествувам во градењето на долго чеканото подобро утре, но желбата е секогаш поразлична од реалноста, а можности има бескрај. Затоа, останува да видиме колку државата, а кога велам државата мислам на сите актери во општеството, ќе биде паметна да нè задржи и тие малку млади што сакаме да останеме тука - додава Зорана.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема