Факултетот го заврши во рекордно време, со просек 9,49, и сака да биде дел од позитивните промени во секторот за производство на храна и добросостојба на животните во државата.
Отсекогаш имала посебен интерес за животните и природните науки, а со текот на времето тоа се претворило во вистинска желба да се занима со нешто што има реална и општествена вредност. Така, Сара Ацковска го избрала Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје сметајќи дека нуди практично применливо знаење и ја поврзува науката со секојдневниот живот.
-Се запишав со јасна цел, вели таа, да бидам дел од позитивните промени во секторот за производство на храна и добросостојба на животните.
Единствена од смерот дипломирана во рок
Од страна на Универзитетот беше прогласена за најдобар студент на овој факултет за академската 2023/2024 година. Дипломира на смерот Анимална биотехнологија и по звање е дипломиран земјоделски инженер.
-Оваа насока ми овозможи да ги изучувам однесувањето, здравјето и исхраната на животните низ призмата на современата биотехнологија, што за мене претставува совршена комбинација од наука, етика и практична примена - додава Ацковска.
За постигнатиот успех, вели дека е резултат на континуирана посветеност, добра организација и искрена љубов кон областа што ја студирала.
-Редовното следење на предавањата и вежбите ми беше од голема помош. Подготовката за испити ја почнував навреме и користев и дополнителна литература за да го збогатам знаењето. Исто така, за мене беше важно и менталното здравје – правев паузи кога ми беа потребни и секогаш се обидував да ја задржам рамнотежата меѓу обврските и одморот. Верувам дека балансот и доследноста беа клучни фактори за успехот што го постигнав - заклучува Ацковска.
Учествувала на интернационални летни школи и предавања
Како предности во студирањето ги истакнува наставниот кадар - достапен, професионален и подготвен да помогне. Бидејќи смерот бил со помал број студенти, секој од нив добивал повеќе внимание, индивидуален пристап и можност активно да се вклучи во наставата. За наставната програма вели дека била солидна комбинација на теорија и пракса. Имале лабораториски вежби, практични посети на фарми, истражувачки институти и други локации кои помогнале теоретското знаење да го применат во реалноста. Дополнително, факултетот им овозможил интердисциплинарен пристап – да учат од генетика и микробиологија до физиологија и добросостојба на животните. Имале и можност за учество во интернационални летни школи и поврзување со академски и професионални кругови надвор од земјата.
-Еден од најубавите спомени од студирањето ми е престојот на летната школа на Универзитетот во Марибор. Тоа беше незаборавно искуство кое ми овозможи да стекнам нови знаења, да се поврзам со студенти од различни земји и да видам како се работи во интернационална средина - додава Сара.
Земјоделството и производството на храна нудат иднина за младите тука
Во нејзината генерација дипломирале вкупно 61 студент, од кои само 10 во рок, а таа е единствена од смерот Анимална биотехнологија. Интерес да се студира на овој факултет постои, но Ацковска смета дека треба да биде поголем.
-Македонија има сериозен потенцијал во аграрниот сектор кој мора да го искористиме. Со соодветна едукација и поддршка, младите можат да ја изградат својата иднина токму тука – во земјоделството и производството на храна. Силно верувам дека земјоделските науки имаат иднина – и тоа многу важна. Земјоделството денес не е исто како порано. Поради климатските промени, ограничените обработливи површини, како и недостигот на работна сила, секторот брзо се менува и бара нови решенија. Токму тука се вклучуваат дигитализацијата, автоматизацијата и вештачката интелигенција, кои веќе имаат сè поголема примена - вели таа.
Високиот просек е почеток, но успехот зависи од понатамошниот развој
По дипломирањето, ангажирана е како практикант во фирма за производство на премикси за добиточна храна.
-Високите академски резултати секогаш се позитивен фактор при вработување. Просекот од 9,49 ми дава предност бидејќи покажува дека сум дисциплинирана, посветена и способна да се справувам со обврските. Сепак, верувам дека заедно со просекот важни се и практичните вештини, искуството и личните квалитети кои ги развивам преку учењето и работата. Затоа, високата оценка е добар почеток и ја отвора вратата за повеќе можности, но континуираниот развој и дополнителните искуства се клучни за понатамошен успех - вели таа.
Најголема желба ѝ е да придонесе за развојот на сточарството и прехранбената индустрија во Македонија преку примена на современи биотехнолошки и иновативни решенија. Сака да работи на подобрување на здравјето и продуктивноста на животните, како и на квалитетот и безбедноста на прехранбените производи. Особено ѝ е важно да се зголеми ефикасноста во преработувачката индустрија со цел да се обезбедат квалитетни и конкурентни производи на домашниот пазар. Верува дека со нови технологии и стручност може да се постигне одржлив развој кој ќе придонесе за економскиот напредок, но и за здравјето на потрошувачите и заштита на животната средина.
Фото: приватна архива