„Еден од најтешките периоди дефинитивно беше пандемијата на ковид-19. Наставата се префрли онлајн, но ветеринарната медицина не е област што може целосно да се изучува од дома. Немаше контакт со животни, немаше работа со инструменти и тоа создаде празнина која тешко се пополнува само со теорија“, потенцира Ненад Димковски, кој го доби признанието најдобар студент на Факултетот за ветеринарна медицина за академската 2023/2024 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Студиите по ветеринарна медицина се интензивни и бараат многу труд бидејќи се работи за професија која носи голема одговорност.
- Искрено, зад ваков успех стојат многу труд, посветеност, постојано учење и љубов кон тоа што го правиш. Студиите по ветеринарна медицина се навистина интензивни и бараат многу труд и искрена желба да се помогне, како на животните така и на луѓето. Но, кога го сакаш тоа што го учиш, предизвиците стануваат можности за растење. Секој предизвик е шанса да се научи нешто ново. Станува збор за професија која бара трпеливост, одговорност и голема емпатија. Да се биде меѓу најдобрите студенти во државата е голема чест и признание. Но, за мене, тоа е и потврда дека сите напори, сите ноќи поминати со книги и поддршката од семејството и професорите не биле залудни. Истовремено, тоа ми е и силна мотивација да продолжам понатаму со уште поголем ентузијазам и посветеност - вели Димковски за Факултети.мк.
Знаел дека сака да стане доктор по ветеринарна медицина уште од најрана возраст и често пати се прашувал од каде му се појавила толкава желба да ги лекува животните, особено што таа желба не потекнувала од семејна традиција и никој од неговите блиски не се занимавал со слична професија.
- Едноставно, уште од мал ме привлекуваше сѐ што е поврзано со животни. Растен сум со секакви видови животни, без разлика дали тоа било на село кај баба ми и дедо ми или, пак, дома како домашни миленичиња. Тоа и денес се нема променето. Чувам една необична комбинација на домашни миленици повеќе од 9 години, мачка и гуштер кои совршено се согласуваат. Исто така, сите играчки што сум ги имал додека сум растел биле животни.
Мајка ми често пати знае да раскажува дека како дете „оперирав“ кадифени играчки, сериозно и посветено како вистински доктор. Кога и да сум го добиeл добро познатото прашање: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?, следувал истиот одговор: доктор за животни - раскажува Ненад.
Сепак, со текот на времето сфатил дека љубовта кон животните, иако важна, не е доволна сама по себе за да се одбере една таква сериозна научна дисциплина.
- Ветеринарната медицина е комплексна и предизвикувачка професија за која е потребна љубов кон науката и кон медицината. Медицината како наука ми беше уште една голема страст. Изучувањето на биологијата, физиологијата, дијагностицирањето на болестите и начините на лекување ме фасцинираа од самиот почеток - вели Ненад.
Интересот за науката, особено за биологијата и хемијата, се јавил уште во средно училиште. Бил ученик во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, каде што токму овие предмети му биле најблиски и најинтересни.
- Не ги учев само заради оценките, вистински ме фасцинираше начинот на кој функционира живиот свет, од клетката до целиот организам. Тоа беше период кога веќе почнав појасно да ја гледам врската помеѓу љубовта кон животните и љубопитноста за науката.
Дополнително, имав можност да волонтирам во Зоолошката градина во Скопје, а исто така и да работам и да учам од Војо Иванов, уште еден голем вљубеник во биологијата и животните. Искуства кои ми овозможија да бидам во директен контакт со животните и да научам многу за нивната грижа, однесување и здравствени потреби. Тоа беше мојата прва „практична настава“ и само го потврди она што веќе го чувствував – дека сум на вистинскиот пат - објасни Димковски.
Како и секој студент, и Ненад се соочил со моменти на предизвици и преиспитување, а најтешките биле кога му се насобирале испити, практична настава и лични обврски во краток временски рок.
- Имаше денови кога учев по 10-12 часа, а следниот ден сум бил на терен или во лабораторија. Во тие моменти најголем предизвик беше да останам фокусиран и да не дозволам заморот да ме обесхрабри. Еден од најтешките периоди дефинитивно беше за време на пандемијата од ковид-19 - смета Ненад.
- Наставата се префрли онлајн, но ветеринарната медицина не е област што може целосно да се изучува од дома. Немаше контакт со животни, немаше работа со инструменти и тоа создаде празнина која тешко се пополнува само со теорија. Чувството на изолација, неизвесноста и губењето на тој жив контакт со средината во која учиме и работиме беа дополнителен психолошки товар. Особено ми остана во сеќавање спремањето за испитот по патологија, предмет кој и во нормални услови е тежок, а уште потешко беше да се совлада материјалот без лабораториски вежби и директна интеракција со асистентите и професорите. Тоа беше период кога се чувствував навистина преоптоварено, но и момент кога научив колку е важно да се организирам, да бидам упорен и да не се откажувам - истакна Димковски.
Факултетот за ветеринарна медицина е релативно мал, со помал број студенти, односот помеѓу студентите и професорите е навистина близок и постои една интерактивност која, според Ненад, е многу важна за студентите во текот на студиите.
- Професорите се секогаш достапни кога студентите имаат прашања, дилеми или едноставно им треба совет, без разлика дали се работи за тема поврзана со предметите и студиите или, пак, за некоја тема надвор од нив. Тие ги поддржуваат и студентските организации, на пример, ИВСА-Интернационална ветеринарна студентска организација од која и јас бев дел додека студирав како координатор за едукативни работилници.
Студентите имаат и право на глас преку Студентското собраните и како дел од Наставно-научниот совет, од кои исто така бев дел за време на студиите.
Тоа што студентите се „видени и слушнати“ навистина многу значи, особено во стресни периоди или кога се соочуваат со тежок материјал. Јас лично сум имал повеќе ситуации каде што поддршката од професорите ми значела многу, не само за успешно положен испит, туку и за задржување на самодовербата и мотивацијата - открива идниот лекар по ветеринарна медицина.
Во текот на студирањето најголем интерес му побудиле предметите поврзани со функциите на организмот и клиничката работа.
- Физиологијата, како една од основните медицински науки, ми беше особено интересна бидејќи ја отвора вратата кон разбирањето како функционира организмот, нешто што е основа за секаква дијагноза и терапија. Токму затоа, со големо задоволство бев и демонстратор по предметот Физиологија на животните три години, што ми овозможи не само да го продлабочам своето знаење, туку и да го пренесувам на колегите од помладите генерации.
Од голем интерес и предизвик ми беа, како за време на студирањето така и денес, егзотичните миленици, поточно рептилите. Нивната анатомија, физиологија, болести, дијагностика и терапија се сосема поразлични од цицачите и ме привлекоа од првиот момент кога стапив во контакт со нив и кога почнав да истражувам подлабоко на таа тема. Се надевам дека ќе имам можност некогаш во иднина да им се посветам повеќе и да придонесам на тоа поле од ветеринарната медицина - потенцира ветеринарот.
Покрај сѐ, најмногу го привлекле клиничките предмети, особено внатрешните болести, како кај домашните миленици така и кај фармските животни.
- Она што ми остави голем впечаток кај овие предмети беа комплексноста и динамиката на дијагностичкиот процес и правилното одбирање на терапијата. Секој случај носи нов предизвик и бара аналитичко размислување, логика и искуство. Во таа насока, клиничката дијагностика беше предмет што посебно ми се допадна бидејќи е од неизмерно значење за да се постави правилната дијагноза. Тука се комбинираат теоретското и практичното знаење, како што се разбирањето на симптомите и внимателното одбирање на дијагностичкиот метод за да се добие целосна слика за здравјето на пациентот - образложи Димковски.
По дипломирањето, Ненад Димковски го завршил и задолжителниот шестмесечен стаж на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, кој е предуслов за добивање лиценца за работа од Ветеринарната комора. Овој период му помогнал да ги примени знаењата во реална средина и да стекне дополнителна самостојност и сигурност во практичната работа.
- Исто така, благодарение на претходни контакти стекнати преку учество на работилници и обуки, имав чест, на покана од проф. д-р Александар Штарке, да поминам тримесечна практична обука на Клиниката за преживари при Универзитетот во Лајпциг, Германија. Тоа беше извонредно искуство кое ми овозможи да се запознам со високи стандарди на работа, современи дијагностички и терапевтски пристапи, како и да стекнам знаење, вештини и пријателства што искрено се надевам дека ќе останат и понатаму дел од мојот професионален и личен живот - откри Ненад.
Во моментов е ангажиран на Факултетот за ветеринарна медицина, каде што е вклучен во различни активности поврзани со лабораториска работа и клиничка дијагностика, особено во делот кај фармските животни.
- Ова искуство ми овозможува секојдневно да учам и да се надградувам. Со оглед на тоа што студиите се интегрирани и веќе вклучуваат прв и втор циклус, следниот чекор за мене би бил започнување докторски студии. Во иднина би сакал да се насочам кон научноистражувачка работа, нешто што искрено ме исполнува. Во таа насока, се надевам дека ќе имам можност да ја продолжам мојата кариера и во академската заедница, преку истражувања, научни трудови, едукација и работа со идните генерации студенти - рече Димковски.
Тој се осврна и на улогата на докторот по ветеринарна медицина во македонското општество, која е многу поголема од вообичаеното сфаќање дека тој лекува само животни.
- Се разбира дека грижата за здравјето и благосостојбата на домашните миленици и фармските животни е важен дел од професијата, но не и единствениот.
Докторите по ветеринарна медицина се клучен дел од концептот „One Health“ или „Едно здравје“ – пристап кој го поврзува здравјето на животните, луѓето и животната средина. Нивната улога е исклучително важна во заштитата на јавното здравје, особено кога станува збор за спречување зоонозни болести (болести што се пренесуваат од животни на луѓе), безбедноста на храната, хигиената во производствените капацитети и контролата на антимикробната резистенција.
Во Македонија, докторите по ветеринарна медицина работат во различни институции, лаборатории, инспекциски служби, истражувачки центри и се дел од тимови чија цел е да обезбедат здрава и безбедна храна, здрава животна средина и навремено откривање на ризиците за здравјето на населението. Со една реченица, докторот по ветеринарна медицина е од суштинско значење за едно функционално и здраво општество - заклучи Ненад Димковски.
Фото: приватна архива