Постојаната физичка активност кај возрасните се поврзува со 30 до 40 проценти понизок ризик од смрт од каква било причина подоцна во животот, додека зголемувањето на нивоата на активност од под препорачаните за здрав живот се поврзува со намалување на ризикот за 20-25 %, покажува анализа на достапните докази, објавена во „Бритиш џурнал оф спортс медисин“.
Истражувачите заклучиле дека префрлањето на поактивен животен стил во кој било период од зрелата возраст може да го зголеми животниот век и дека никогаш не е доцна да се започне.
Моменталните препораки се дека возрасните треба да целат кон 150-300 минути неделно поминати во физичка активност со умерен интензитет, или 75-150 минути неделно интензивна физичка активност, или комбинација од двете.
Додека овие препораки се базираат на најдобрите достапни докази, повеќето ги опфаќаат мерењата на физичката активност во само еден момент, што може да го сокрие потенцијално влијание на променливите шеми во зрелата возраст, сметаат истражувачите.
Затоа сакале да дознаат дали различните шеми на физичка активност, како и нејзиното збирно влијание за време на зрелата возраст, може да се поврзат со понизок ризик од смрт од сите причини, а особено од кардиоваскуларни болести и рак.
Тие ги пребарале базите на податоци за релевантни студии што ја оценувале физичката активност во два или повеќе моменти од времето и во нивниот преглед вклучиле 85 студии објавени на англиски јазик до април 2024 година, со големина на примерокот што се движела од 357 до 6.572.984 учесници.
59 од студиите истражувале долготрајни шеми на физичка активност во зрелата возраст, 16 истражувале просечни бенефити од различни нивоа на физичка активност и 11 го истражувале потенцијалното влијание на вкупната физичка активност врз ризикот од смрт. За да ги надминат предизвиците од различните аналитички методи што биле користени, истражувачите извршиле посебни анализи за секој од нив.
Анализата покажала дека, генерално, повисоко ниво на физичка активност било поврзано со понизок ризик од сите вклучени исходи.
Постојано активните луѓе (32 студии) имале 30-40 проценти понизок ризик од умирање од која било причина, додека оние што ги зголемиле нивните нивоа на физичка активност (21 студија) од под препорачаните имале 20-25 проценти понизок ризик од смрт од која било причина.
Поточно, кај учесниците кои преминале од физичка неактивност во активност имало 22 % помала веројатност дека ќе умрат од која било причина за разлика од оние што останале неактивни, додека оние што го зголемиле нивото на физичка активност во слободното време имале 27 % помала веројатност за тоа.
Од друга страна, менувањето на активен животен стил за неактивен не е поврзано со понизок ризик од смрт од која било причина.
Генерално, врските меѓу повисоко ниво на физичка активност и понизок ризик од смрт биле поевидентни кај кардиоваскуларните болести отколку кај ракот.
Споредено со учесниците кои конзистентно биле неактивни, кај оние што биле конзистентно активни или биле активни само во слободното време, имало 40 и 25 % помала веројатност да умрат од кардиоваскуларни болести и рак, соодветно.
Но, генерално, доказите за врските меѓу шемите на физичка активност и смртта од одредена причина останале нерешени, особено за смрт од рак.
Збирните податоци сугерираат дека луѓето кои се постојано активни или стануваат активни имаат понизок ризик од смрт од која било причина, а особено од кардиоваскуларни причини, кога ги исполнуваат препорачаните неделни нивоа на физичка активност.
Извор:
Science Daily
Фото: Freepik