X
 02.10.2022 Здравје

Зошто физичката активност е добра за мозокот?

Многумина почнуваат да вежбаат за да го обликуваат телото. Меѓутоа, иако таа мотивација можеби не е најдобра, самата телесна активност има позитивни ефекти врз човекот. Мозокот ја сака физичката активност поради неколку причини.

Подобрување на расположението

Дури и 5-минутна физичка активност како брзо одење го подобрува расположението. Тој ефект не е ограничен само на периодот по физичката активност. Многу истражувања покажале дека луѓето што се физички активни поретко се соочуваат со депресија.

Поздравете се со анксиозноста

Во моментите кога ќе почувствувате напад на анксиозност, вашиот нервен систем е во ситуација во која е подготвен за борба или бегање. Телото реагира на ова со побрзо срцебиење, потење или потешко дишење.


Фото: Pixabay

Телесната активност го доведува организмот во иста состојба, но неа ја поврзуваме со убави емоции, а на тој начин организмот се тренира за поуспешно спречување напад на анксиозност.

За добар сон

Со оглед на тоа што вежбањето го подобрува расположението и спречува напад на анксиозност, не е чудно што тоа го подобрува и сонот. Само 150 минути вежбање неделно се доволни за да се подобрат продуктивноста и спиењето. Се покажало дека поактивните луѓе побрзо заспиваат.

Го намалува ризикот од деменција

Физичката активност го зголемува протокот на крв во целото тело, па така и во мозокот. Освен позитивните ефекти врз кардиоваскуларното здравје, ова помага во елиминацијата на токсини во мозокот, што го намалува ризикот од невродегенеративни болести.


Фото: Pixabay

Подобри когнитивни функции

Физичката активност ги подобрува и когнитивните функции. За време на аеробните активности во мозокот се стимулира развивањето на невроните и нивна заштита од оштетување. Тоа помага во одржувањето на меморијата.

Подобар фокус

Редовната физичка активност може да ги подобри фокусот, вниманието и способноста за планирање. Таа има особено позитивно влијание кога станува збор за „мултитаскингот“, односно правењето повеќе работи истовремено.

Извор: Studentski
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје