X
 21.06.2022 Живот

Сушата во Италија е толку интензивна што почнаа да се појавуваат остатоци од стари бродови

Историската суша што ја зафати најголемата река во Италија изнесе на виделина остатоци од брод од Втората светска војна.

Реката По тече 651,8 километри од Котинските Алпи за да се влее во Јадранското Море. Моментално се соочува со најголемата суша во последните 70 години, што предизвика потонатиот брод стар со децении повторно да излезе на површина.

Бродот „Зибело“, долг  48,8 метри, кој превезувал дрва во Втората светска војна и потонал во 1943 година, обично се крие под водите на По. Сега нивото на водата на реката е толку ниско што остатоците се видливи за набљудувачите.

- За првпат сега можеме да ја видиме оваа лаѓа - рече аматерскиот велосипедист Рафаеле Везали.

Алесио Бонин го фотографирал бродот со својот дрон.

- Во последниве години можеше да се види лакот на бродот, така што знаевме дека е таму, но да се види бродот толку изложен во март, кога во суштина беше уште зима, беше многу драматично. Никогаш не сум видел таква суша во овој период од годината - наша главна грижа порано беше поплавувањето на реката, а сега се грижиме реката да не исчезне - рече Бонин.

Голем број фактори поттикнати од климатските промени придонесуваат за сушата. Во Северна Италија немало дожд повеќе од 110 дена, снежните врнежи се намалени за 70 отсто оваа година, а натпросечните температури го топат снегот и глечерите на околните Алпи.

Меучио Берсели, генерален секретар на Управата за басенот на реката По, изјави дека во едно речно село наречено Борето, протокот на реката обично изнесува 476.000 галони во секунда. Сега, тоа е само 80.000 галони во секунда.

Сушата ги загрозува резервите на вода за пиење, наводнувањето за земјоделството во италијанскиот регион со најинтензивно земјоделство и хидроцентралите за производство на енергија.



Извор: Science Alert
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот