X
 20.11.2023 Живот

Семејствата со едно дете најбројни во ЕУ

Нешто помалку од една четвртина од речиси 198,5 милиони домаќинства во ЕУ, или 24,3 отсто во 2022 година вклучувале и деца, при што најбројни се семејствата со по едно дете, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември.

Според податоците на Евростат, како што јави дописникот на МИА од Брисел, 12,1 отсто од домаќинствата во ЕУ биле со по едно дете, 9,3 проценти со по две деца и 3 отсто со три или повеќе деца.

Во однос на вкупниот број домаќинства во ЕУ, тој лани се зголемил за 6,9 отсто во споредба со 2012 година, додека во истиот период процентот на семејствата со деца се намалил за 2,4 процентни поени.

Најголем удел на домаќинства со деца во вкупниот број има во Словачка од 33,9 проценти, по што следуваат Ирска со 32,2 и Кипар со 30,6 отсто. Од друга страна, најмал удел на домаќинства со деца имало во Финска од 18,4 проценти, пред Германија од 20,1 и Холандија од 21,8 отсто.

Од вкупниот број семејства со деца во ЕУ, речиси половина или 49,5 проценти во текот на 2022 година имале само по едно дете, 38,1 отсто по две деца, а 12,4 проценти биле со најмалку три деца.

Семејствата со едно дете биле најбројни во сите земји на ЕУ, освен во Холандија, каде што најголем процент отпаѓа на семејствата со две деца. Од вкупниот број семејства со деца во Португалија, Бугарија, Романија, Малта, Литванија, Летонија, Италија, Шпанија и Унгарија над 50 отсто имале само по едно дете.



Кога станува збор за семејствата со три или повеќе деца, кои биле најмалобројни во сите членки на ЕУ, нивниот проценти е најголем во Ирска од 22,3 отсто, пред Шведска со 21,2 и Финска со 19,0 проценти. Овие семејства биле најмалобројни во Португалија со 6,3 отсто, пред Бугарија со 6,5 и Италија со 7,4 проценти.

Целта на Светскиот ден на детето е да се подигне свеста за заштита и за зголемување на благосостојбата на децата низ светот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот