X
 20.12.2020 Наша тема

Реформи во основното образование, студентите плаќаат прескапи тарифи, Преспанското Езеро – ѕвезда која умира. Што истражувавме неделава?

Факултети.мк е избран за најдобар сајт за вести и информации за 2020 година, најава за реформи во основното образование, реакции на студентите против високите тарифи на факултетите, за 50 години го уништивме Преспанското Езеро и животот во него кој постоел милиони години, оздравените од Ковид-19 заглавени во „изолација“ поради нередовното ажурирање на податоците. Ова се темите за кои пишувавме неделава.

Дарко Стојановски

По половина век, македонските археолози повторно се вратија на истражувањата на светски познатиот неолитски локалитет Барутница кај светиниколското село Амзабегово. Истражувана во 60-тите и почетокот на 70-тите години од здружен југословенско-американски тим, населбата имала улога на еден регионален урбан центар, со особено важна стратиграфија - континуитет на живеење од над 1.000 години, помеѓу 6.100 и 4.800 година пред новата ера. Локалитетот не само што дава важни информации за ширењето на неолитот од Мала Азија кон Европа, туку и за развојот на сите социо-економски и културни аспекти низ времето. Веста за обновените истражувања бргу се проширила низ круговите на праисторичарите во светот и веќе има неколку првични идеи за соработка, вели во интервјуто Дарко Стојановски, доктор по археолошки науки, независен истражувач кој раководеше со истражувањата во рамките на проектот „Најраните земјоделски и урбани центри во Македонија“ во соработка со Народниот музеј од Свети Николе.


Борјан Ефтимов

„Факултетите наместо да ни даваат знаење, ни продаваат услуги. Цените на овие услуги се далеку од реалната цена на чинење. Дополнителните услуги што ги ,продаваат’ високообразовните установи се неизбежен дел од студирањето, па така студентите се ставени во незавидна позиција да мораат да ги ,купуваат’ овие услуги од факултетот на кој студираат“, реагира студентскиот лидер Борјан Ефтимов. Уверение за положени испити чини од 300 до 600 денари во зависност од факултетот, презапишување на еден просечен наставен предмет (7 ЕКТС кредити) чини од 1.800 до 3.400 денари во зависност од факултетот, а за информатика и за спортски активности студентот плаќа 750 денари.


Слободанка Кузманова

„Хаосот од удари боли. Нека не ве залажуваат два-три нежни збора и парфем со добра цена. Ниту едното е љубов, ниту другото е почит. Тргни ги синџирите од рацете и излези од таа мрачна средина. Донеси ја оваа одлука сега и веднаш. Само ти ја имаш моќта на контролата над себеси. Јас го избрав тој пат. Работев на својот личен раст и развој, така и успеав. Тоа е начинот да се успее“, пишува во својата колумна Слободанка Кузманова, студент на Факултетот по психологија на Меѓународниот славјански универзитет.

Фото: Freepik

Оздравените од Ковид-19 се заглавени во „изолација“ поради нередовното ажурирање на податоците. Откако ќе им заврши периодот на изолација и на домашно лекување, голем дел од оздравените пациенти од Ковид-19 не добиваат известување дека им е завршен периодот на лекување и дека можат да излезат од дома за да се вратат на работа и да ги извршуваат секојдневните обврски. Поради тоа, тие пациенти мора да бараат од нивните матични лекари да им издадат потврда за завршено лекување или да објаснуваат дека времето на лекување поминало, но не добиле официјално известување за тоа кога полициските службеници доаѓаат кај нив дома за да проверат дали ја почитуваат мерката изолација.

Проф. д-р Златко Левков / Фото: Борче Поповски

Преспанското Езеро во „хистерезис“. За 50 години уништивме нешто што живеело милиони години, вели во интервјуто проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Според него, во биологијата нема магично стапче. Може да предизвикате моментална еколошка катастрофа, но за да се подобри состојбата, потребни се децении, векови, милениуми. Во овој момент единствено можеме да се обидеме да го задржиме барем она малку што остана значајно од Преспанското Езеро и да се надеваме дека по 4.000 години повторно ќе блесне во сиот свој сјај. Во овој момент е ѕвезда во изумирање, која ќе повлече изумирање на Охридското Езеро и формирање биолошка „црна дупка“ која никогаш нема да се оправи.


Мирослав Пендароски

Во колумната проф. Мирослав Пендароски вели „Математика на природата- љубовта за себе“. Во природата, а таа не е вештачки создадена човекова творба, секое нешто има две лица, т.е. лице и опачина. Не постои ниту едно нешто во животот да биде такво како во него да би имало само едно нешто без својата спротивност, без своето инакво, различно... сите физички појави имаат своја спротивност или друг дел од себеси, или инакво нешто кое го комплетира првото, или го надополнува, подобро речено. Дури и основните елементи се комплементарни и опонентни едни на други. Огнот наспроти водата, земјата наспроти воздухот. И страните на светот исто, запад наспроти исток, север наспроти југ. Сонцето наспроти Месечината, Месечината наспроти Земјата, Земјата наспроти другите небесни тела итн. Ако ова двојство меѓу двата елементи на една целина го помножиме со нивната внатрешна дијалектика, т.е. двојство, добиваме – четворство!

Најавените големи промени во основното образование буквално ги запалија социјалните мрежи во изминативе два дена. Има бурни реакции за новиот концепт, иако сè уште не е во детали познато што точно ќе се менува и како тоа ќе изгледа. За едни, мешањето предмети, односно интеграцијата на историја, географија и граѓанско образование во предмет општествени науки е апсурд, а други, пак, велат дека конечно со тој начин на организација ќе имаме европско образование.
Иако има многу прашања кои сè уште се неодговорени и за кои допрва ќе се одлучува и ќе се бараат одговори, дел од јавноста ја поддржува идејата за нов систем на основно образование, а дел не




Како модата стана загадувач: Во Македонија секоја година се горат тони текстил. Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи во светот, а со над 6.000 тони текстилен отпад на годишно ниво, што се генерира од фабриките и кројачниците кај нас, Македонија е дел од тој негативен светски тренд. Опсегот на причини е широк - од неможноста компаниите поевтино да го откупат отпадот, па тој завршува на депониите, до општата ниска свест за третирањето на отпадот. Познавачите велат дека илјадниците тони од овој отпад може да бидат претворени во профит, а животната средина - спасена од сериозен загадувач.

Факултети.мк освои две награди на манифестацијата „Сајт на годината“ за 2020 година. Победник е во категоријата вести и информации, а покрај тоа освои и второ место во категоријата образование, наука и култура.Mанифестацијата „Сајт на годината“ е во организација на Media Solutions и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk. Има цел да ги промовира, развива и поддржува интернет-медиумите и севкупното интернет издаваштво во Македонија.

Ангела Маџирова има 17 години и веќе има своја композиција за соло-пијано со тема од народната македонска песна „Сербез Донка“. Таа свири на клавир, гитара, укулеле, пее, компонира, а во иднина се гледа како класична пијанистка и поп-рок пејачка.

Моника Мотеска и Роберт Јанкуловски

Моника и Роберт, уметничка двојка: Пред изложби сме во тотален хаос, но работиме како мускетарите - еден за сите, сите за еден“! И во овие тешки времиња, во кои општото функционирање и егзистирањето се отежнати од секојдневното влошување на состојбата со пандемијата, културата се бори да опстои и со своите програми да им понуди содржини на љубителите на уметноста, со цел да едуцира, анимира, продухови. Националната галерија месецов ги отвори изложбите: „Везење во камен“ на Моника Мотеска во Чифте амам и „Нови пејзажи-архив на реалноста“ на Роберт Јанкуловски во „Мала станица“.
Моника и Роберт, и двајцата уметници, секој во својата област, истовремено го делат и интимниот, или поконвенционално кажано брачниот простор. Освен што се извонредно креативни и активни, тие се и многу искрени и духовити кога станува збор за нивниот личен однос.

Што значи кога лице поминало 10 или 20 дена изолација поради Ковид-19, но повторно ќе добие позитивен резултат на ПЦР-тест? На што се должи тоа и дали во ваков случај тоа лице може да го пренесува вирусот?


Алисија Колевска

За развивање интегритет и самопочит: Да не се грижиме за нешто што не можеме да го промениме, нашиот живот е тек, а ние сме целосно тука“, пишува во колумната м-р Алисија Колевска, развоен психолог.Таа вели дека интегритетот е морален квалитет во кој нашето внимание е насочено кон внимателно испитување на себеси. Ги опфаќа јасните, длабоко вкоренети мотиви и форми на дејствување кои се во согласност со нашиот внатрешен начин на опстојување. Нѐ прави лојални, искрени, неподмитливи, чесни и ни дава здрава самодоверба. Ова подразбира не само познавање на себеси, туку и самопочит и внатрешна сила.


Во време на забрзани технолошки иновации и натпревар кој ќе постигне најмногу во областа на заштитата на животната средина, инженерскиот тим на велешката компанија „Брако“ ја претрка конкуренцијата и пласира револуционерно еколошко решение: возило за одржување хигиена во урбани средини кое испушта вода наместо издувни гасови, односно возило кое работи со погон на водород (хидроген) под брендот Green Machines, GM500H2.

Производот е резултат на тимска работа во која учествувале 15 инженери, а предводени од директорот на одделот за камиони за чистење улици и медицински помагала, Иле Атанасов, и од директорот за развој, Васил Јанев.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема