X
 21.02.2019 Живот

Се чисти градежниот шут од студентскиот „Гоце“

Градежниот шут направен при реновирањето на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ од Скопје од денес се отстранува организирано во заедничка акција на „Комунална хигиена“ и Општина Карпош. Беше упатен силен апел до граѓаните на Карпош и до студентите за да се чува животната средина и да не се фрла ѓубре на непропишани места за таа цел.

Реновираните објекти правно ги презеде ДСЦ пред два дена, објасни директорот Дарио Николовски.
- Според регулативата, во рок од 10 дена треба да се исчисти целиот двор. Дворот е многу важен за животот на студентите. Покрај тоа што мора да обезбедиме подобри услови внатре, што веќе правиме, имаме цел да го исчистиме дворот, а отпосле да направиме план за хортикултурно уредување - изјави Николовски.



На прашањето како да се подигне еколошката свест на младите, тој изјави:
- Ако сакаме да имаме почиста средина, мора и ние како раководство заедно со студентите да бидеме поблиски и да се вклучиме во заедничката мисија за почиста средина. Сакаме да вметнеме повеќе членови студенти во куќниот совет затоа што хигиената, пред сѐ, ним им значи најмногу.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, истакна дека во наредниот период комуналните инспекциски служби ќе бидат многу почесто на терен.
- Казните се движат од 50 до 2.000 евра. Не сакам да ги доведуваме граѓаните во непријатна ситуација. Најстрого ќе биде санкционирано секое уништување на животната средина. Досега имаме изречено повеќе казни. Пред три дена запленивме голема количина гуми што беа спремни за палење - истакна Богоев.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот