X
 21.02.2020 Економија

ИАТА: Авиокомпаниите ќе загубат речиси 30 милијарди долари поради коронавирусот

Според процените на Меѓународната асоцијација на авиопревозници (ИАТА), авиокомпаниите во азиско-пацифичкиот регион ќе загубат 27,8 милијарди американски долари како резултат на епидемијата на новиот коронавирус, додека побарувачката за авиобилети во регионот ќе се намали за 13 проценти.

Со оглед на тоа што процената на растот е проектирана на 4,8 проценти, целокупниот пад на профитот ќе биде 8,2 проценти, соопшти ИАТА.

Според тоа сценарио, загубата на приходи ќе биде 27,8 милијарди американски долари за авиокомпаниите во регионот на Азија и Пацификот. Најголеми загуби ќе забележат компании од Кина, чиј пад на профитот само на домашниот пазар се проценува на 12,8 милијарди.

Според истото сценарио, компаниите што работат надвор од регионот ќе загубат 1,5 милијарда американски долари под претпоставка дека побарувачката е ограничена само на азиските пазари. Севкупно, загубата ќе изнесува 29,3 милијарди американски долари на глобално ниво.

Таа загуба, според процените на ИАТА, значително ќе ги намали процените на глобалниот раст за 2020 година.

Процените, според изјавата, се слични на оние за време на епидемијата САРС. Потоа, по шестмесечен период на ненадејно опаѓање следуваше еднакво брзо закрепнување. Во 2003 година САРС беше одговорен за пад на приходите од 5,1 проценти на азиско-пацифичките авиокомпании.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија