X
 29.10.2020 Здравје

200 дена без локална трансмисија на коронавирусот во Тајван

Многу земји низ светот забележуваат нови рекорди во бројот на лица заразени со коронавирусот. Но Тајван забележува различен рекорд - 200 дена без локална трансмисија. Тајван го постигна овој рекорд во четвртокот, иако болеста се шири со огромна брзина низ Европа и во САД.

Последниот локално пренесен случај на Тајван бил забележан на 12 април. Овој остров со 23 милиони жители досега забележал само 550 заразени лица со коронавирус и само седум смртни случаи.

Експертите велат дека навременото затворање на границите и строгото регулирање на патувањето придонеле во борбата против вирусот. Освен тоа, на островот ригорозно се следат контактите на заразените лица и носењето маски е задолжително. Лошото искуство на Тајван со САРС веројатно игра улога во развивањето на свеста кај луѓето.

Тајван веројатно најдобро се справи со пандемијата во светот, а тоа е импресивно бидејќи бројноста на населението на Тајван е приближно иста како на Австралија и многу луѓе на островот живеат едни до други во мали станови. Владата на Тајван претпоставува дека економијата ќе се зголеми за 1,56% годинава, додека паѓа насекаде низ светот.


Фото: Pixabay

Сепак, Тајван не е „спасен“ бидејќи во последниве две недели биле забележани 20 лица со Ковид-19 што го донеле вирусот однадвор, најмногу од Филипините и Индонезија. Згора на тоа, други земји што добро се справувале со вирусот на почетокот, како Сингапур и Јапонија, подоцна забележале пораст во бројот на заразени.

Според Чен Чиен-џен, поранешен потпретседател на Тајван и епидемиолог, во спречувањето на ширењето најдобро функционира следењето на контактите на заразените лица и нивно изолирање. Тајван им обезбедува достава на оброци и храна на лицата што се во карантин, а казната за прекинување на карантинот изнесува до 35.000 долари.

Тајван ги затвори границите за сите странски туристи на почетокот од годината и оттогаш строго ги контролира границите. Владата собрала резерви на маски и го забранила извезувањето на маски уште на почетокот на пандемијата за да има доволно за сите граѓани.

Сите контакти на лице заразено со Ковид-19 мора да поминат 14 дена во карантин, дури и доколку нивниот тест е негативен. Досега околу 340.000 луѓе биле во домашен карантин, а помалку од 1.000 биле казнети поради кршење на карантинот.

Како што вели Чен, биле жртвувани 14 дена на 340.000 луѓе за 23 милиони луѓе да имаат нормален живот.

Автор: Синди Ванг и Самсон Елис
Извор: time.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје