Северна Кореја повторно прима странски туристи, првпат по затворањето на границите во јануари 2020 година поради ковид-пандемијата. Ограничен број туристички оператори овој месец ќе водат посетители во Расон, специјалната економска зона на оваа земја.
Меѓу првите што се вратија беше и австралискиот туристички менаџер Рован Бирд. Во едно интервју за странските медиуми тој изјави дека севернокорејските имиграциони службеници го дочекале со изненадување и возбуда.
- Прво ме прашаа: „Дали си Русин?“, на што јас одговорив: „Не, јас сум Австралиец“ и му ја предадов својата патна исправа - вели тој.
Бирд бил дел од мала група на туристички оператори кои биле поканети да ги проценат условите во Расон пред повторното отворање на Северна Кореја за туристи на 20 февруари. Неговата компанија, заедно со „Корјо турс“ од Пекинг, ги организира првите патувања во оваа изолирана земја по долгата пауза, водејќи групи од по 15 посетители. Патувањето вклучува посета на локална пиварница, школа за странски јазици, академија за таеквондо и место каде што се сечат границите на Северна Кореја, Кина и Русија.
Северна Кореја останува затворена за сите освен за Русите. Во текот на пандемијата, Северна Кореја презеде внимателни чекори за оживување на туризмот. Расон, основан во 1991 година за привлекување странски инвестиции, никогаш не бил толку популарна дестинација како главниот град Пјонгјанг, но сè уште е затворен за сите, освен за руски туристи. Пред пандемијата, кинеските посетители сочинуваа околу 90 отсто од сите странски туристи, а само во 2019 година влегле 350.000 туристи.
Организираните тури се случуваат во време на подобрување на односите меѓу Пјонгјанг и Пекинг. Кинеска туристичка агенција потврди дека добила одобрение за повторно започнување на патувањата и започнува прием на резервации за група што треба да го посети Расон на 24 февруари.
Бирд вели дека побарувачката за посета на Северна Кореја е огромна.
- Во првите пет минути нашето сандаче беше преплавено со прашања. Нѐ контактираа луѓе од сите страни сакајќи да дознаат повеќе детали и да си резервираат место за да бидат меѓу првите што ќе ја посетат оваа земја - додаде тој.
Туристите што сакаат да ја посетат Северна Кореја обично доаѓаат од Австралија, Канада и Европа, но има и туристи од Хонгконг, Тајван и Сингапур. Граѓаните на Јужна Кореја и натаму не можат да влезат, а САД им забранија на своите граѓани да патуваат во Северна Кореја уште во 2017 година по случајот со американскиот студент Ото Вормбир, кој беше притворен и подоцна почина.
Иако Северна Кореја сака да го оживее туризмот, некои ограничувања и понатаму се во сила. Локалните пазари, кои порано беа важна атракција за странски посетители, сега се забранети поради пандемијата. На различни локации сè уште се применуваат строги здравствени мерки, вклучувајќи задолжително носење маски и мерење на температурата.
Гергo Ваци, главен претставник на „Корјо турс“, изјави дека севернокорејските водичи изразуваат мешавина од возбуда и страв од повторното враќање на туристите.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Wikipedia