X
 22.04.2022 Култура

Оваа држава ги наградува послушните туристи: Еве какви можности им нуди

Проектот „Палау легаси“ почна нова кампања за едукација на луѓето како да ја почитуваат животната средина и локалната култура во Палау. Отсега туристите ќе можат да уживаат во сите привлечности на оваа мала островска држава, но ќе мора да ја почитуваат нејзината традиција и природа.

Кампањата наречена „Олау палау“ ги наградува туристите што добро се однесуваат и ја почитуваат културата на островот. Тие можат да искористат поени за да доживеат искуства што претходно биле достапни само за жителите на Палау.

Овие поени можат да се акумулираат во апликацијата „Олау Палау“. Поените можат да се искористат како можност за надополнување на нивниот јаглероден отпечаток со личен калкулатор за јаглерод, користење крем за сончање безбеден за околината и посета на компании што го намалуваат нивното влијание врз екоситемот.

Ќе им бидат доделени поени на туристите што посетуваат одредени значајни туристичка места, ако јадат локална храна од одржлив извор, ако учествуваат во проекти за регенеративен туризам во заедницата и ако избегнуваат пластика за еднократна употреба.

Кога ќе соберат доволно поени, луѓето можат да ги разменат за да пристапат до одредени делови на островот, да се сретнат со локалните старешини и да ги обиколат историските места, да посетуваат села и да вечераат со заедницата, традиционално да ловат риба и да пливаат во скриени пештери.

Кампањата е создадена откако истражувањето покажало дека 90 отсто од луѓето сакаат да ја искусат природната средина и културата на дестинацијата и да научат како да ја зачуваат и заштитат во текот на нивниот престој. Покрај тоа, 87 отсто од луѓето рекле дека би потрошиле повеќе на одмор на дестинација која има недопрена, заштитена средина и култура.

Околу 89 отсто од луѓето, исто така, рекле дека би биле позаинтересирани да ја посетат земјата со ваков тип наградна програма и дека учеството ќе направи да се чувствуваат добро на одмор. Дополнително, 85 отсто од туристите рекле дека оваа идеја ќе ги натера добро да се однесуваат кога ќе посетат некоја земја.

- Туристичката индустрија на Палау беше сериозно погодена од пандемијата бидејќи ниту еден посетител не влезе во Палау речиси две години. И покрај економското влијание, туристичкиот сектор во Палау е решен да се држи до својата стратегија за екотуризам со висока вредност и да најде начин одржливо да закрепне од пандемијата - рече Алан Т. Марбу, член на Одборот за посетители на Палау.

- Со лансирањето на „Олау Палау“ можеме да ги наградиме нашите најсовесни гости и да го заштитиме нашето најценето туристичко богатство: нашата недопрена околина и уникатна култура. Пандемијата ѝ го даде на нашата планета неопходниот повик за будење и можност да видиме што ќе се случи кога природата има можност повторно да се балансира. Се надеваме дека „Олау Палау“ ќе наведе повеќе дестинации да размислуваат за реалните трошоци на туризмот и да преиспитаат кого наградуваат со своите најдобри искуства - додаде тој.



Извор: Bizlife.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура