Во Тулси, село во Централна Индија, социјалните медиуми предизвикаа економска и социјална револуција. Селото стана микрокосмос на влијанието што „Јутјуб“ го има врз светот.
Како што селаните на Тулси одат кон нивните полиња, 32-годишниот јутјубер Џаи Варма ги поканува жените да му се придружат во неговото најново видео. Тие се собираат околу него и разменуваат насмевки. Варма поставува сцена на фестивал за да создаде момент за гледачите од градови и земји оддалечени стотици километри. Жените, навикнати на сето ова, со задоволство помагаат. Варма го снима моментот и тие се враќаат на својата работа.
Во близина, неколку луѓе се зафатени со снимањето на нивното видео. Еден од нив држи камера додека 26-годишниот Раџеш Диуер се движи во ритамот на хип-хоп песна, неговите раце и тело изразуваат емоции како искусен изведувач.
Тулси изгледа како секое друго индиско село - има куќи на еден кат и делумно асфалтирани патишта. Тука живеат околу 4.000 луѓе, а извештаите велат дека повеќе од 1.000 работат на „Јутјуб“ на некој начин. Ако прошетате низ селото, тешко е да најдете некој што не се појавил во некое од многуте видеа што се снимаат тука.
Парите што „Јутјуб“ ги носи го трансформираа локалното стопанство, велат жителите, а освен финансиските придобивки, оваа социјална платформа стана инструмент за еднаквост и социјални промени. Меѓу жителите кои започнаа успешни јутјуб-канали и открија нови извори на приходи се неколку жени кои порано немале многу можности за напредување во ова рурално опкружување.
Тулси - микрокосмос на влијанието на „Јутјуб“
Февруари 2025 година ја одбележува 20-годишнината од „Јутјуб“. Според некои процени, приближно 2,5 милијарди луѓе ја користат оваа платформа секој месец, а Индија е еден од најголемите пазари за „Јутјуб“. Низ децениите, „Јутјуб“ не само што го промени интернетот, туку и начинот на кој размислуваме за создавање и консумирање на човечката култура. На некој начин, Тулси е микрокосмос на влијанието на „Јутјуб“ врз целиот свет.
- Овие креатори на содржини ги одвлекуваат децата од лошите навики и криминал. Селото е гордо на нив и нивните успеси - вели 49-годишниот земјоделец Нетрм Јадав, еден од многуте обожаватели на селскиот социјален медиумски бран.
Социјалната револуција на „Јутјуб“
Трансформацијата на Тулси започнала уште во 2018 година, кога Варма и неговиот пријател Гјанендра Шукла направиле јутјуб-канал наречен „Being Chhattisgarhiya“.
- Не бевме задоволни со нашите рутински животи и сакавме да направиме нешто што ќе ни овозможи да ја изразиме нашата креативност - вели Варма.
Нивното трето видео, во кое се прикажува млада двојка која се соочува со вознемирување од членови на десничарската хиндуистичка група Бајранг Дал на Денот на вљубените, стана вирално. Мешавината на хумор и социјален коментар допре до многу луѓе.
- Видеото беше хумористично, но исто така носеше порака, и оставивме гледачите сами да ја толкуваат - додава Варма.
Дуото собра десетици илјади следбеници за неколку месеци, број кој сега надминува 125.000 следбеници и вкупен број на прегледи кој надминува 260 милиони. Загриженоста на нивните семејства за посветување толку многу време на социјалните медиуми исчезна кога почнаа да пристигнуваат пари.
Тие за брзо време станаа инспирација за другите жители на Тулси. Шукла вели дека неговиот тим им плаќал на актерите и дури им обезбедил обука за монтажа и пишување сценарија. Некои жители започнале свои канали, додека други биле среќни да волонтираат.
Оваа нова појава привлече внимание и од локалните власти. Импресионирани од успехот на креаторите на содржина од селото, локалната влада поставила модерно студио во Тулси во 2023 година. Оваа инвестиција се исплатила. „Јутјуб“ создаде егзистенција за стотици млади луѓе од селото и регионална индустрија за забава.
Од мобилните телефони до големото платно
Од сите социјални медиумски ѕвезди што се појавиле по експлозијата на „Јутјуб“ во Тулси, никој не се искачил повисоко од 27-годишната Пинки Саху. Израснала во рурално село каде што нејзините соништа да стане актерка и танчарка изгледале како далечна фантазија, најмногу поради несогласувањата на нејзиното семејство и соселаните кои ја сметале актерската кариера за табу.
Така, Саху почнала да објавува видеа на кои танцува на нејзиниот инстаграм-профил и на „Јутјуб“. Нејзиниот пробив дошол кога основачите на „Being Chhattisgarhiya“ ја забележале и ја ангажирале за нивните продукции.
Таа продолжи да работи со нив и им го привлече вниманието на локалните филмски продуценти, па подоцна успеа и да добие улога во филм. Оттогаш има глумено во седум филма.
Унапредување на жените
Во Тулси, „Јутјуб“ создаде пат за жените да излезат на сцена во оваа технолошка револуција. Според поранешниот селски водач Драупади Вишну, „Јутјуб“ игра клучна улога во промената на општествените норми во Индија, каде што домашното насилство е честа појава.
Извор:
BBC
Фото: Screenshot/YouTube