X
 21.03.2026 Живот

Дали архитектите имаат поголема веројатност да бидат левучари од другите луѓе?

Чест стереотип за левучарите е дека тие избираат одредени работни места почесто од деснаците. Такви професии, на пример, се оние што бараат голема креативност, како уметник или музичар, но исто така и работни места кои бараат добри визуелно-просторни вештини, како архитект. Причината за оваа претпоставка е поврзана со фактот дека користењето на левата рака како доминантна е форма на асиметрија на мозокот, што претставува функционална разлика помеѓу левата и десната страна во мозокот.

Кај левучарите, моторниот кортекс во десната половина од мозокот е доминантен за секаков вид покомплицирана фина моторна вештина, како што е пишувањето со пенкало. Ова е така бидејќи десната половина од мозокот го контролира левиот дел од телото, вклучувајќи ја и левата рака. Важно е да се напомене дека кај повеќето луѓе, десната половина од мозокот е доминантна за визуелно-просторни вештини, кои се клучни за да се биде добар архитект. Така, истата половина од мозокот е доминантна за визуелно-просторни вештини и употреба на раката кај повеќето левучари.

Ова ги навело луѓето да претпостават дека левучарите се подобри архитекти, почнувајќи од 70-тите години. Сепак, употребата на рацете и визуелно-просторните способности се контролирани од различни мрежи во мозокот, што ја прави врската донекаде сомнителна од невронаучна перспектива. Покрај тоа, претходните студии за студенти по архитектура и професионални архитекти дале донекаде мешани резултати, при што некои студии откриле преголема застапеност на левучарите, додека други не.

Нова студија за архитектите

Нова студија се фокусирала на прашањето дали постои преголема застапеност на левучарите меѓу признатите архитекти. Во студијата, спроведена од научникот Рене Вестерхаузен од Одделот за психологија на Универзитетот во Осло, Норвешка, податоците биле собрани преку интернет. Вкупно 515 познати архитекти биле идентификувани врз основа на листите на добитници на меѓународни награди за архитектура. Покрај тоа, биле вклучени и архитекти кои биле претставени во статии во добро познати публикации за архитектурата. Овој начин на собирање податоци обезбедил многу успешни архитекти да бидат вклучени во збирката податоци. На интернет биле пребарувани видеа или слики од тоа како секој од архитектите пишува или црта за да може да се утврди неговата доминантна рака. За секој архитект биле земени предвид максимум пет набљудувања за да се утврди дали биле левучари или деснаци.


Што покажала анализата на податоците?

Од 515 испитани архитекти, 474 биле деснаци (околу 92 проценти). Само 37 беа левучари (околу 7 проценти), а четворица можеле да ги користат двете раце. Бидејќи стапката на левучари во општата популација е 10,6 проценти, процентот на левучари архитекти всушност бил помал од оној на левучарите воопшто. Покрај тоа, кога архитектите над 50 години и под 50 години биле анализирани одделно, стапката на левучари била исто така под 10,6 проценти во двете групи.

Резултатите од студијата јасно покажуваат дека архитектите не се почесто левучари од остатокот од популацијата. 

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот