X
 06.02.2026 Технологија

Кина ги забранува вовлечените рачки на вратите од автомобилите заради поголема безбедност

Рачките што се порамнети со каросеријата на автомобилот, односно рачките што се вовлечени, станаа тренд во автомобилскиот дизајн во последниве години. Стилистите ги сакаат затоа што не ја нарушуваат визуелната чистота на страничните линии на автомобилот, додека аеродинамичарите ги ценат затоа што го прават возилото полесно за пробивање низ воздухот.

Кога „Тесла“ го дизајнира својот „модел С“, целта беше да се создаде автомобил што е и посакуван и максимално ефикасен, па затоа ваквите рачки на вратите беа логичен избор. Со зголемената популарност на електричните возила, примената на ова дизајнерско решение исто така се прошири. Но, Кина одлучи да му стави крај на тоа.

Рачките на вратите на „тесла“ се екстремен пример - во случај на судир и губење на напојувањето од 12 В, службите за итни случаи не се во можност да ја отворат вратата однадвор, што резултира со најмалку 15 смртни случаи, според некои извештаи.

Овие трагични настани ја поттикнаа Националната администрација за безбедност на сообраќајот на автопатиштата на САД да започне истрага, но Кина одлучи да дејствува проактивно. Според „Блумберг“, кинеските регулатори ја анализираат безбедноста на рачките на вратите што се вовлекуваат од средината на 2024 година и заклучиле дека тие претставуваат неприфатлив ризик.

Какви ќе бидат новите правила?

Новите кинески регулативи се исклучително специфични. За сите нови модели воведени по 1 јануари 2027 година, потребен е вдлабнат простор од најмалку 6 см ширина, 2 см висина и 25 мм длабочина, што овозможува рачно активирање на рачката. Ова можат да бидат полувдлабнати рачки или едноставно традиционалните рачки на кои сите сме навикнати.

Механизмот за заклучување мора да биде дизајниран така што во случај на судир при кој се активираат воздушните перничиња или доаѓа до палење на батеријата, вратата од страната на возилото што не е удрена може да се отвори без употреба на алатки. Кинеските регулатори сметаат дека патниците не треба да бидат збунети околу тоа како да ја отворат вратата однатре во итен случај.

Затоа секоја врата мора да има механички рачки таму каде што патниците ги очекуваат. „Тесла“ е веројатно најголемиот прекршител тука бидејќи додека предните врати отсекогаш имале механички рачки, кај некои постари модели задните врати не можеле да се отворат без алатки.

Постои преоден период за автомобилите што веќе се одобрени од кинеските власти, што ги вклучува сите модели што се моментално во продажба. Производителите имаат рок до 1 јануари 2029 година да ги редизајнираат вратите на своите модели. 

„Шаоми“, еден од најпопуларните кинески брендови на електрични возила, ќе мора да редизајнира некои модели, но исто така ќе мора и „Бе-ем-ве“.

Со оглед на важноста на Кина за глобалната автомобилска индустрија, се очекува влијанието на оваа забрана да се почувствува кај сите модели што се продаваат низ целиот свет.

Извор: autonet.bug.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија