X
 21.04.2022 Наша тема

Дали знаете зошто се вапсуваат црвени јајца за Велигден?

Според етнологот м-р Александар Мешков, во македонското народно творештво постојат повеќе преданија за црвеното велигденско јајце

Од кога потекнува традицијата на вапсување јајца за Велигден, најголемиот христијански празник, и зошто се вапсуваат токму во црвена боја?
Одговор на ова прашање дава м-р Александар Мешков од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

- Традицијата на бојадисување јајца е древна и потекнува од претхристијанскиот период. Јајцето претставува симбол на раѓањето и победата над смртта. Црвената боја во која најчесто се вапсуваат велигденските јајца се смета дека ја симболизира Христовата крв, истовремено таа боја се поврзува со здравјето, радоста и животот. Во периодот кога не постоеле индустриски бои, црвената боја се добивала од она што можело да се најде во природата, на пример, јајцата се бојадисувале со лушпи од кромид, корен од броќ или цвекло - вели Мешков.

Исто така, во најголем дел од Македонија на четвртоците не се работела домашна, ниту полска работа.

- Постои мислење дека овие четвртоци претставуваат остаток од старословенските верувања кога четвртоците биле посветени на врховното божество Перун, пред сè, за зачувување на летнината, заштита на селата и за здравје на луѓето - додава Мешков.


М-р Александар Мешков

Сепак, според него, во македонското народно творештво постојат повеќе преданија за црвеното велигденско јајце.

- Според едно од нив, кога Христос бил распнат на крстот, од крвта што капела од рацете и нозете каде што бил закован, камчињата под крстот се обоиле во црвено. Во друго предание се раскажува дека во неделата кога Марија одела на гробот на Исус носела варени јајца за да ги раздаде. Тие биле обоени со црвена боја за да потсетуваат на Христовата крв. Но кога ѝ кажале дека Христос воскреснал, таа им ги поделила јајцата на децата и оттогаш останало да се вапсуваат и да се раздаваат јајца на Велигден - објаснува тој.

Во македонската народна култура постоеле непишани правила кои строго се почитувале. Се разбира, постоеле и постојат разлики од предел до предел. Така, во петок се вапсувале жолти јајца, бидејќи според народното верување тогаш му пукнала жолчката на Христос, односно тој починал.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема