X
 21.05.2025 Наша тема

Дејан Милошевски освои злато на интернационалниот карате-натпревар на УСА опен: „Тоа не е само злато, тоа е победа на духот“

Ова злато е повеќе од медал. Ова е доказ дека нема невозможна мисија кога срцето е водич. И ова не е само моја победа, ова е победа на македонската дијаспора, на сите нас што не забораваме од каде сме. Ова е повик до сите - да продолжиме да ја претставуваме Македонија со гордост, страст и љубов, без разлика каде сме на мапата, истакнува тренерот, натпреварувач и судија Дејан Милошевски

На најголемото интернационално карате-натпреварување во САД – УСА опен, неодамна македонскиот тим од клубот „Милошевски Маршал артс“ блесна со одлични настапи и медали, гордо претставувајќи ја Македонија пред повеќе од 2.600 натпреварувачи од 40 земји. Со бронза за младата Бони и злато за сенсеј Дејан Милошевски, успехот доби и симболично значење – како доказ за македонската упорност, дух и визија на глобалната сцена. Покрај спортските успеси, тимот на Милошевски остави силен впечаток и преку судиската ангажираност, посветеност и несебично залагање за афирмација на македонската култура и вредности во дијаспората.



- Чувството е нешто што тешко може да се стави во зборови – тоа е момент кој се чувствува со целото срце, со секоја клетка од телото. Кога ќе го слушнете вашето име како шампион на УСА опен 2025, сè замолчува наоколу, а во вас се буди лавина од емоции – болките, операциите, заморот, сите падови и сомнежи... исчезнуваат. Срцето чука забрзано и знаете дека сте се вратиле – не само како спортист, туку како борец кој повторно се победил самиот себе. А моментот кога ќе го развиорите македонското знаме високо пред цел свет останува врежан во душата засекогаш. Тоа не е само злато. Тоа е победа на духот - ни сподели Дејан Милошевски.



Не тренирам карате само за медали, туку за да бидам подобар човек


Дејан направи пауза од четири години во спортот, но се врати посилен од кога било.

- Четири години без натпреварување, операции, повреди на лактот, рамото, коленото... Тоа беа години кога многу луѓе ќе се откажеа. Но јас не се откажав. Зошто? Затоа што каратето ме научи дека падот не е крај, туку нов почеток. Секој ден станував во 6 наутро, тренирав пред работа, па повторно навечер со моите ученици. Ми требаше оваа борба (предизвик) што ќе ме разбуди, што ќе ме мотивира, што ќе ме натера да се вратам. Во 2021 бев шампион во мојот стил – шотокан, а бронзен во сите стилови (ги има 4), но оваа година реков – време е за злато во сите стилови. И го направив тоа – со македонското знаме назад на подиумот. Секој удар, секој пад, секоја капка пот – сето тоа не ме скрши, туку ме изгради тоа што сум денес. Каратето не ме научи само на техника, туку на живот – на истрајност, самоконтрола и верба во процесот. Моја мотивација е љубовта: љубовта кон каратето, кон моето семејство и кон татковината – Македонија. Таа љубов ми дава сила кога е тешко, фокус кога сѐ друго те одвлекува и мир кога победуваш. Не тренирам карате само за медали, туку за да бидам подобар човек, секој ден - вели Милошевски.



Тој успеа да издоминира во конкуренција со Јапонија, Костарика, Мексико, САД.
- Ова злато е повеќе од медал. Ова е доказ дека нема невозможна мисија кога срцето е водич. Работејќи и тренирајќи секој ден, буквално од изгрејсонце до полноќ, го вложив целото свое битие. И ова не е само моја победа – ова е победа на македонската дијаспора, на сите нас што не забораваме од каде сме. Ова е повик до сите: да продолжиме да ја претставуваме Македонија со гордост, страст и љубов, без разлика каде сме на мапата - истакнува Дејан.

Го освоив златото и продолжив со судење

Ова натпреварување било вистинска мисија за него затоа што беше и дел од судискиот тим. Судел по 14 часа на ден, 3 дена по ред, а во меѓувреме го облекувал кимоното и влегувал на татамито како натпреварувач.

- Го дадов максимумот, го освоив златото и веднаш се вратив назад да продолжам со судење. Тоа е духот на вистинскиот борец – кога другите ве гледаат со чудење, вие покажувате дека сè е можно. Претседателот на американската федерација и многу судии, тренери и натпреварувачи беа воодушевени, но највредното беше што по борбата ми приоѓаа сите искрено да ми честитаат за вложениот труд и резултат. Тоа е спортска чест – нешто што, за жал, ретко го гледаме дома, во Македонија, но тука го почувствував искрено од сите нив - дополнува тој.



Неговиот успех инспирира, не само неговите ученици, туку и пошироката македонска заедница во дијаспората.

- Тоа не е само чест, тоа е моја мисија и одговорност. Да бидам лидер, значи да бидам гласот и примерот што поттикнува, охрабрува и обединува. Да ги инспирирам младите да си ја пронајдат својата внатрешна светлина и да сјаат со неа, каде и да се. Горд сум што преку каратето, дисциплината и личниот пример покажувам дека Македонија има свои херои – и дома и надвор од границите. Мојот успех не е само мој, тој е сведоштво дека и македонската приказна може да одекнува во светот. Ќе продолжам со уште поголема љубов, работа и посветеност затоа што верувам дека секој млад човек, без разлика каде живее, носи во себе искра што може да запали (започне) промени - посочува Дејан.
Да се биде тренер, не значи само да покажеш техника, туку да изградиш карактер, вели тој, дополнувајќи дека верува во своите ученици исто како што верува во себе. Ги учи на искреност, почит, посветеност и вера во сопствените соништа.

- Им кажувам: „Никогаш не откажувај се. Не дозволувај светот да ти каже дека не можеш – покажи му дека можеш“. За мене, да се биде пример значи секој ден да живееш според вредностите што ги пренесуваш – и кога некој те гледа и кога си сам. Не е доволно да ги водиш другите со зборови – вистинското лидерство е кога твоите постапки зборуваат гласно и кога инспирираш со тоа што си, а не само со тоа што кажуваш. Како што велел Конфуциј: „Кажи ми – ќе заборавам. Покажи ми – можеби ќе запомнам. Вклучи ме – ќе научам.“ И затоа, јас ги вклучувам моите ученици во патувањето – за да научат, да пораснат и еден ден и самите да светат за другите - подвлекува Дејан.

Со вистински вредности и неуморна работа, светската сцена не е далечна


Младата Бони го освои бронзениот медал во дисциплината кати на Интернационалниот јуниорски куп и оствари неверојатно достигнување за неа и за тимот. Одлични настапи имаа и Меган и Сиена.



- Секоја нивна борба, секое излегување на татамито, го чувствувам длабоко – како да сум јас тој што стои таму. Но најемоционален момент за мене е секогаш истиот: кога ќе ги видам на подиумот, со медал околу вратот и со сјај во очите. Тој сјај не доаѓа само од победата, туку од чувството дека нивниот труд, нивната жртва и нивниот сон се исплатиле. Јас сум само водич заедно со нивните родители, но токму тие се вистинските ѕвезди, тие се нашата иднина. Ова е само почеток за Бони. Таа поседува исклучителен карактер –одлична дисциплина и срце полно со жар. Бронзениот медал на нејзиниот прв глобален настап не е само награда, туку порака – дека со вистински вредности и неуморна работа, светската сцена не е далечна. За целиот тим, ова беше силен поттик. Видовме дека со љубов, дисциплина и единство можеме високо да се искачиме. Не само како поединци, туку како тим. Како што често им велам на моите ученици: „Медалот не е крајна цел, тој е потсетник дека оттука започнува вистинскиот пат. Бони само што тргна по тој пат – и верувајте, нејзината иднина е сјајна - убеден е Дејан.



На прашањето како ги мотивира да целат високо, вели дека им кажува да бидат храбри да сонуваат, да бидат љубезни и никогаш да не се откажуваат.

- Тоа не е само совет, тоа е начин на живот. Најпрво, им станувам пријател, некој што ќе ги разбере. Потоа, тренер кој ќе ги води, и на крај – идол кој со својот пример им покажува дека сѐ е можно. Мотивацијата не ја градам со зборови, туку со дела – преку посебни игри, мали победи, лични предизвици, и мојата специјална карате-програма која е дизајнирана да ги научи на упорност, емпатија и одговорност. Како што често велам: „Кога ќе биде најтешко, не откажувај се. Токму тогаш се раѓаат шампионите.“ Секогаш гледам напред. За мене, секој успех е само почеток на нова мисија. Сакам овие достигнувања да остават траен белег, не само за мене, туку како патоказ за идните генерации што доаѓаат. Во следниот период ќе имаме кратка пауза, но јас лично имам уште еден предизвик во овој период на кој работам – нешто многу големо, но ќе зборуваме за тоа следниот пат - ни навестува Дејан.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема