Луѓето постигнале неверојатни достигнувања во текот на своето кратко постоење. Но, и покрај нашите колективни успеси, многумина сè уште се борат со чувството на среќа. Потрагата по среќа е древна. Илјадници генерации размислувале за изворите на своето и туѓото задоволство. Во современиот свет психолозите се обидуваат да ја измерат и унапредат среќата, со цел таа да стане достапна за сите и да се третира како прашање од јавно здравје, што е и целта на проекти како Светскиот извештај за среќа.
Иако современата наука фрли нова светлина врз поимот среќа, механизмите и начините на нејзиното доживување сè уште не се целосно разбрани или прифатени. Според ново истражување, корисно би било кога пристапот кон среќата би станал поиндивидуализиран, фокусирајќи се на личните разлики кои може да бидат значајни во истражувањата на ниво на популација.
- Мораме да ги разбереме изворите на среќата за да понудиме ефективни совети - вели Емори Бек, професорка по психологија на Универзитетот Дејвис во Калифорнија и главна авторка на истражувањето.
Како што покажуваат досегашните истражувања, социо-економските фактори имаат силно влијание врз среќата - од здравјето и богатството, преку социјалните врски, до задоволството од работата.
Сето тоа влијае врз моделот на среќа наречен „оддолу-нагоре“, кој се фокусира на тоа како надворешните фактори ја определуваат нашата положба и чувството за одредени животни аспекти, што потоа влијае врз целокупното чувство на задоволство.
- Сите познаваме луѓе кои поминале низ многу трауми, а сепак се среќни - посочува Бек.
Многумина ја доживуваат среќата како чувство што не зависи од околностите. Некои наоѓаат радост и во најтешките услови, додека други се борат и покрај очигледните животни предности.

Фото: Freepik
Моделот на среќа „одгоре-надолу“ повеќе се фокусира на оваа перспектива, ставајќи помал акцент на надворешните фактори, а поголем на начинот на кој луѓето размислуваат и чувствуваат. Овој модел го фаворизира пристапот преку терапија или медитација, каде што во фокусот се личните особини и ставови.
Сепак, остануваат многу прашања како, на пример, кои фактори најмногу влијаат врз чувството на среќа кај една личност и дали може еден модел да се примени на сите, и ако може, како би се применил?
Во новото истражување авторката и нејзиниот тим ја разгледувале можноста дека одговорот не е едноставен. Наместо да се задржуваат на дебати околу различните модели, тие предлагаат фокусот да се префрли на индивидуалните искуства на среќата.
- Предлагаме да го преобликуваме прашањето, не дали е точен моделот „одгоре-надолу“, „оддолу-нагоре“ или двонасочниот модел, туку за кого е соодветен секој од нив - вели Бек.
Истражувањето ја мерело врската меѓу задоволството од животот и пет клучни домени на индивидуално ниво и на ниво на популација, користејќи податоци од повеќе од 40.000 испитаници.
Станува збор за национално репрезентативни панели од Австралија, Германија, Швајцарија, Холандија и Обединетото Кралство, луѓе кои периодично одговарале на прашалници за задоволството од животот во период од дури 33 години.
Анкетите ја мереле глобалната среќа, но и конкретното задоволство во пет животни домени: здравје, домување, приходи, односи и работа.
Истражувањето покажало дека околу половина од испитаниците прикажувале претежно еднонасочна врска меѓу задоволството од доменот и општото животно задоволство, додека околу четвртина прикажале двонасочна поврзаност.
Кај дел од испитаниците не се појавила јасна врска меѓу домените и среќата, што покажува дека кај нив овие фактори имаат мал или никаков меѓусебен ефект иако не е сосема јасно зошто.
Овие сознанија укажуваат на можни ограничувања кај истражувањата на ниво на популација, кои можеби не ги опфаќаат важните индивидуални разлики.
Истражувачите сугерираат дека среќата полесно се постигнува со поперсонализиран пристап и со помал акцент на генерализирање, иако се потребни повеќе истражувања за да се утврди како тоа би функционирало во практика.
- Сите овие аспекти обично се разгледуваат одвоено, но во реалноста тие се надополнуваат на личното ниво - заклучува Емори Бек.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik