X
 21.06.2025 Живот

Постојат четири вида среќа: Само една е случајна, а врз другите можете да влијаете

Во популарните видеоигри со улоги, како серијалот „Фолаут“, креирањето на ликот започнува со избор на седум основни карактеристики познати како S.P.E.C.I.A.L. Секоја од нив влијае врз различен аспект од играта. Така, на пример, интелигенцијата ги засилува вештините, перцепцијата овозможува повеќе опции за разговор, а агилноста го зголемува бројот на противници што може да се совладаат. Но, меѓу тие карактеристики се наоѓа и една посебна: среќата.

Среќата влијае врз тоа дали играчот ќе најде вреден плен, ќе избегне замка или ќе отклучи скриена врата. На прв поглед оваа карактеристика изгледа како најнепредвидлива и најмалку корисна. За разлика од другите, не се заснова на вештини или избори, туку на чиста случајност. Таа изгледа како нешто што не може да се контролира - или се има или се нема.

Во секојдневниот живот среќата често се доживува на сличен начин. Многумина ја поврзуваат со судбината, Божјата волја или кармата. Други ја гледаат како производ на случајни околности што никој не може да ги предвиди. Но, современите истражувања покажуваат поинаква слика. Според неврологот д-р Џејмс Х. Остин, постојат различни видови среќа и не сите се производ на случајност. Некои од нив се резултат на однесување, карактер и погледот кон светот.

Четири вида среќа


Во својата книга Остин ги истражува психолошките и животните фактори што влијаат врз тоа што го нарекуваме „среќа“. Тој тврди дека среќата не е само некоја мистериозна случајност што ни се случува. Напротив, поголемиот дел од среќата зависи од тоа колку сме отворени за нови искуства и колку активно учествуваме во светот околу нас. Да, случајноста постои, но можеме да направиме многу за да ѝ излеземе во пресрет.

Остин идентификува четири вида среќа:

Слепа среќа -
тоа е онаа неконтролирана случајност што доаѓа од универзумот. Наречете ја судбина, Божја волја или едноставно ентропија. Во секојдневието тоа би било, на пример, додека сте на работа, пука цевка во зградата и останувате без вода и кафе цел ден. Не можете ништо да направите. Едноставно, малер.

Среќа што доаѓа од движењето
- ова е среќата што си ја привлекуваме со тоа што сме активни и отворени за можности. Можеби сте имале среќа што сте запознале некоја личност која ви понудила нова работа, но вие сте биле тие што одлучиле да се запишат на курсот каде што сте ја сретнале таа личност.

Среќа што доаѓа од свесност
- тука клучни се внимателноста и способноста да препознаеме шанса кога се појавува. На пример, ако шефот купи скапа претплата за вештачка интелигенција за целата фирма, тоа може да е среќа за вас. Но вистинската среќа е во тоа да препознаете како да ја искористите, односно да знаете како да автоматизирате табели, да проверувате е-пошта или да анализирате податоци за продажба.

Среќа што произлегува од уникатност
- овде станува збор за вашите лични квалитети, искуства или перспектива што привлекуваат специфични можности. Да речеме дека сте пораснале во Полска, а сега живеете во САД. Еден ден влегува клиент и вие го препознавате акцентот. Почнувате разговор, разменувате приказни и дознавате дека неговиот брат го познава вашиот роднина. На крајот, клиентот потпишува договор благодарение на вашето уникатно минато.

Како да научите да бидете „среќни“?

Среќата од движење е всушност проактивност, а среќата од свесност е препознавање на вистинските шанси. Но, има неколку пошироки поуки што можеме да ги извлечеме. Еве неколку од нив:

Научете да гледате - едно од најважните нешта за кои советува Остин е дека можеме да станеме подобри во среќата. Тоа значи да умееме да ги препознаеме среќните моменти кога ќе се појават. Како се гради таа „среќа од свесност“? Во 2010 година тим од Универзитетот во Кадиз направил метаистражување и идентификувал четири клучни фактори. Првите два се поврзани со социјален капитал, контакт со други претприемачи и поддршка за нивните проекти. Другите два се поврзани со интелектуален капитал, верување дека имате знаење и вештини за бизнис и универзитетско образование. Со други зборови, соработувајте, верувајте во себе и учете.

Носете го својот идентитет со себе - голем дел од среќата зависи од тоа како се поставуваме во светот. Треба да сме отворени, но и свесни дека ќе ни се појават можности кои други нема да ги имаат, и обратно. Важно е да знаете што ви оди добро. Малкумина си го поставуваат прашањето: Во што сум добар?

Среќата е на страната на активните - животот понекогаш не е фер. Понекогаш слепата среќа ни носи лоши карти. Но, ако Остин е во право, таа среќа претставува само 25 отсто од она што може да ни се случи. Другото зависи од нас. Замислете го животот како казино, а вашето време како жетони. Вложете еден ден на нов курс, една вечер на дружење. Не секој облог ќе успее, но некој ќе биде успешен. Играта може да биде тешка, шансите мали, добивките скромни, но ако не играте, нема ни да добиете. Обидете се да правите повеќе работи.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот