X
 21.07.2019 Живот

Жената што им е пример на светските психолози открива зошто не сме среќни

Mарта Нусбаум е американски филозоф, професорка на Универзитетот во Чикаго и е многу ценета во светските научни кругови за својата интерпретација за човековата потрага по среќата.

Таа кажа голема вистина за агресијата меѓу тинејџерите, што би можела да понуди одговор на прашањето: Зошто децата се толку агресивни?

- Не мразете го вашиот внатрешен свет. Тоа е мојот прв и основен совет што би ви го понудила. Нашето општество секогаш ја гледа површината, како изгледаат работите. Нè привлекуваат најнови работи, последните озборувања, новите можности за самопотврдување и статусниот симбол. Но сите го почнуваме животот како беспомошни бебиња, чија удобност, исхрана, преживување зависат од другите.

Дури и кога ги развиваме нашите вештини и независност, секогаш остануваме доста слаби и некомплетни, зависни од другите и од несигурниот свет, без оглед што сè можеме да постигнеме. Додека растеме, сите развиваме широк спектар на емоции што одговараат на тоа: стравот дека ќе се случат лоши работи и дека ќе бидеме беспомошни да ги победиме; љубовта за оние што ни помагаат и нè поддржуваат; болката кога ќе ја изгубиме саканата личност; се надеваме на добри работи во иднината; бесни сме кога некој ќе му нанесе зло на нашето што го сакаме.

Нашиот емотивен живот е мапа на нашата непотполност - едно суштество без никакви потреби никогаш не би имало причини за страв, болка, надеж или бес. Баш поради таа причина, често се срамиме од нашите емоции, потреби, зависност. Можеби мажите во нашето општество се плашат дека ќе бидат исмејувани бидејќи се некомплетни и зависни, бидејќи главниот имиџ на машкоста е дека треба да бидат самозадоволни и доминантни.

Затоа луѓето бегаат од својот внатрешен свет на чувства и совладувањето на емотивните искуства.

Актуелната психолошка литература за животот на момчињата во Америка покажува дека мнозинството од тие момчиња се неспособни да зборуваат за тоа како се чувствуваат и како се чувствуваат другите - бидејќи научиле дека ќе бидат исмејувани поради чувствата и потребите, па ги потиснуваат во себе. Тоа значи дека тие не знаат како да се борат со сопствените емоции или како да им ги пренесат на другите.

Кога се исплашени, не знаат како да го кажат тоа или барем да станат целосно свесни за тоа. Често нивните стравови ги претвораат во агресија. Често овој недостиг на богат внатрешен живот капитулира во депресија подоцна во животот.

Сите се соочуваме со болести, губење, стареење и не сме сите подготвени на тие неизбежни случувања, во свет што ни диктира да размислуваме само екстерно и себеси да се вреднуваме според она што материјално го поседуваме.

Кој е лекот за оваа болест? Љубовта кон себеси што не се намалува поради нецелосните делови, туку ги прифаќа со интерес и љубопитност, се обидува да развие јазик со кој ќе разговара за потребите и чувствата.

Раскажувањето приказни игра голема улога во процесот на развој. Додека раскажуваме приказни за животите на другите, учиме да размислуваме како друга личност би реагирала на различни случувања. Истовремено се идентификуваме со другите луѓе и учиме нешто за себе.

Колку сме постари, ќе налетуваме на сè покомплексни приказни - во книжевноста, на филм, во уметноста, музиката, што ќе ни даваат побогат и посуптилен поглед на човечките емоции и на нашиот внатрешен свет.

Затоа мојот втор совет е близок со првиот - читајте многу приказни, слушајте многу музика и размислувајте што значат за вашиот живот приказните на кои сте наишле. На тој начин нема да бидете празни, ќе имате нов, побогат внатрешен живот и многу повеќе можности и вистинска комуникација со другите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот