Иако бројот на стогодишници се зголемува, ново истражување открива дека статистички гледано, никој што е жив денес не треба да очекува да доживее 100 години. Истражувачите користеле шест различни методи за предвидување на животниот век во 23 високоразвиени земји со ниска смртност и утврдиле дека за луѓето родени меѓу 1939 и 2000 година речиси е невозможно да го достигнат овој праг.
Долговечноста на денешните постари генерации најмногу се должи на медицинскиот напредок од првите децении на 20 век, кога животниот век нагло растел. Помеѓу 1900 и 1938 година просечниот животен век се зголемувал за 0,46 години по генерација, така што оние родени на почетокот на векот можеле да очекуваат околу 62 родендени, додека оние родени 38 години подоцна просечно славеле 80.
Иако животниот век продолжува да расте, стапката на тоа зголемување значително се забавила, оставајќи отворено прашање колку долго ќе живеат денешните генерации.
Што покажува анализата?
Истражувачите предвидуваат дека темпото на пораст на животниот век ќе се намали за 37 до 52 отсто по генерација кај оние родени меѓу 1939 и 2000 година.
- Без големи медицински пробиви кои значително би го продолжиле човечкиот живот, животниот век нема да достигне такви нагли скокови како на почетокот на 20 век, дури и ако преживувањето на возрасните се подобри двојно повеќе од нашите предвидувања - велат авторите на истражувањето и додаваат дека се предвидува оти оние родени во 1980 година нема да доживеат 100 години, а ниту една од анализираните генерации нема да го достигне овој праг.
Истражувачите објаснуваат дека претходните зголемувања на животниот век се должеле на драстично намалување на смртноста кај новороденчињата и децата благодарение на педијатрискиот напредок во раниот 20 век. Но, бидејќи денес смртноста кај доенчињата е многу ниска во сите развиени земји, малку е веројатно дека ќе има нови такви големи скокови.
Повеќе од половина од забавувањето се должи на трендовите на смртност кај децата под пет години, а над две третини на смртноста кај младите под 20 години.
Дали ова може да се промени?
Секако, тоа не значи дека нема да има нов голем пресврт. Истражувачите напоменуваат дека светски медицински откритија секогаш можат да ги нарушат статистичките предвидувања.
Со други зборови, доколку се пронајде лек за рак, просечниот животен век би можел значително да се зголеми и да се доближи до границата од 100 години.
И покрај песимистичките прогнози, истражувачите нагласуваат дека овие наоди не треба да се толкуваат како доказ за или против постоење на биолошката граница на човечкиот живот. Животниот век и понатаму расте иако не со темпото од порано, и не постои причина тоа да не продолжи.
Извор:
iflscience.com
Фото: Freepik