Со намалувањето на наталитетот и зголемувањето на животниот век бројот на лица на возраст над 65 години расте со невидено темпо. Според податоците од Обединетите нации, светот влегува во демографска транзиција со каква што досега не се соочил.
Во оваа анализа се рангираат земјите со највисок удел на постари лица во 2025 година и се прикажува како оваа слика ќе се промени до 2100 година. Анализата опфаќа само држави со најмалку еден милион жители.
Земји со најмногу постари лица во 2025 година
Во 2025 година дури 22 од првите 25 земји со најмногу постари лица се од Европа. Исклучоци се Јапонија, Хонгконг и Порторико.
До 2050 година се очекува европските земји да забават со порастот на постарата популација поради влијанието на миграцијата, која го ублажува стареењето на населението.

Фото: Visual Capitalist/Voronoi
Брзата демографска транзиција на Источна Азија
Источна Азија, особено Кина, доживува бурен пораст на старосната популација. До 2100 година Кина, која во 2025 не е ни во првите 25, ќе стане трета земја во светот по удел на лица постари од 65 години (45,8 отсто).
Македонија и Балканот во 2100 година
Според проекциите на ОН, Северна Македонија ќе биде меѓу 25. земји со најголем удел на постари лица до 2100 година. Се предвидува дека 37,9 отсто од македонската популација ќе биде на возраст над 65 години, што е речиси секој трет жител.
Оваа промена претставува сериозен предизвик за пензискиот систем, здравството и пазарот на трудот во земјата. Вакви демографски трендови ги засегаат и другите земји од Балканот: Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, кои се наоѓаат високо на листата за 2100 година.
Европа и миграцијата: клучен демографски баланс
Миграцијата игра значајна улога во ублажувањето на стареењето во Европа. Според „Евростат“, без миграција до крајот на векот популацијата на ЕУ би се намалила за една третина. Миграцијата е и двигател на скромниот раст во земји како Шпанија и Германија.
Организации како ОЕЦД препорачуваат проширување на легалната миграција како еден од ретките начини за одржување на соодносот помеѓу работници и пензионери.
Источна Азија се бори со предизвиците од миграцијата
За разлика од Европа, Источна Азија останува затворена кон странци. Во Јапонија само 3 отсто од населението е родено надвор од земјата, во Јужна Кореја над 5 отсто, додека во Кина и Тајван уделот е уште понизок.
Овие ограничувања значат дека стареењето таму ќе биде побрзо и потешко за управување, освен ако не се воведат длабоки политички и културни промени.
Иако проекциите се сериозни, тие не се конечни. Во 2024 година Јужна Кореја забележа прв пораст на наталитетот во последните девет години. Такви сигнали, заедно со евентуални промени во миграциските политики, можат да го променат патот по кој се движи стареењето на светот.
Фото: Visual Capitalist