Мексико Сити тоне речиси 25 сантиметри годишно, според нови сателитски снимки кои оваа недела ги објави НАСА, со што оваа метропола е една од метрополите со најбрзо тонење на земјиштето.
Едно од најраспространетите и најнаселени урбани подрачја во светот, со околу 7.800 квадратни километри и приближно 22 милиони жители - мексиканската престолнина и околните градови се изградени врз поранешно езерско дно. Многу улици во центарот на градот некогаш биле канали, традиција која продолжува во руралните предели.
Интензивното црпење на подземните води и урбаниот развој драматично го намалија водоносниот слој, што значи дека Мексико Сити тоне повеќе од еден век, оставајќи многу споменици и постари згради како Метрополитанската катедрала, чија изградба започнала во 1573 година, видливо навалени. Исто така, намалениот водоносен слој придонесува за хронична криза со водата за која се очекува дека само ќе се влошува.
- Тонењето на земјиштето ја оштетува клучната инфраструктура на Мексико Сити, како што се метро-системот, системот за одводнување, водоснабдувањето, системот за пиење вода, домувањето и улиците. Тоа е многу голем проблем - вели Енрике Кабрал, истражувач по геофизика на Националниот автономен универзитет на Мексико.
Мексико Сити тоне толку брзо што тоа може да се забележи и од вселената
Во некои делови тоа се случува со просечна брзина од два сантиметри месечно, според новиот извештај на НАСА, вклучително и на главниот аеродром и на култниот споменик познат како Ангелот на независноста.
Тоа значи годишна стапка на тонење од околу 24 сантиметри. Во период од помалку од еден век, падот бил повеќе од 12 метри, според Кабрал.
Процените на НАСА се засновани на мерења направени помеѓу октомври 2025 и јануари 2026 година од страна на моќниот сателит познат како НИСАР, кој може да следи промени на површината на Земјата во речиси реално време и претставува заедничка иницијатива помеѓу НАСА и Индиската организација за вселенски истражувања.
Пол Розен, научник од НИСАР, вели дека снимањето на деталите на Земјата од вселената кажува нешто за тоа што навистина се случува под површината.
- Во суштина е документација на сите овие промени во еден град. Можете да ја видите целата големина на проблемот - вели Розен.
Истражувачите се надеваат дека оваа технологија ќе се примени низ целиот свет за следење природни катастрофи, промени во раседни линии, ефекти од климатските промени во региони како Антарктикот и друго.
Розен вели дека технологијата може да се користи за зајакнување на системите за предупредување, овозможувајќи им на научниците да ги предупредат владите за потреба од евакуации во случаи, на пример, на вулкански ерупции.
За Мексико Сити, оваа технологија претставува голем напредок во проучувањето на проблемот со тонењето и ублажување на неговите најлоши последици, според Кабрал.
Со децении владата го игнорирала проблемот. Но по неодамнешното влошување на кризата, властите почнале да финансираат истражувања, вели Кабал.
Снимките од сателитот НИСАР и податоците што доаѓаат со нив ќе бидат клучни за научниците и службениците при планирањето како да се реши проблемот.
Извор:
Apnews.com
Фото: Magnific