Секој ужива во одредено време слободно од работа, но постои разлика помеѓу оние кои сакаат одмор и оние на кои очајно им е потребен. Многу дестинации за одмор се рекламираат како места кои можат да помогнат со прегорувањето и исцрпеноста, но вистината е дека не постои такво нешто како одмор што ќе помогне со вакви проблеми.
Всушност, ако го гледате одморот како лек што ќе ги олесни грижите за работата, тој може да биде значаен симптом на прегорување, дури и ако станува збор за работа што ја сакате.
-Прегорувањето е резултат на продолжено изложување на стрес. Причината може да биде стрес поврзан со работата, но може да биде и комбинација од стрес поврзан со работата и стрес во вашиот личен живот. Мислењето дека ви треба само една или две недели одмор за да се чувствувате подобро е всушност симптом на прегорување - објаснува Шенон Гарсија, психотерапевт.
Таа објаснува дека луѓето треба да бидат свесни што можат, а што не можат да им донесат една или две недели одмор.
Нема да го избрише стресот
-Убавината на летните одмори е во тоа што се токму во средината на годината и ви дава можност да се повлечете и да размислите како се чувствувате генерално. Тоа е начин да процените што сте постигнале и на што сте горди, каде сте биле оваа година и какви промени сакате да направите до крајот на годината - вели Ненси Хенкс, консултант во Атланта.
Но, Хенкс забележува дека ова размислување се случува само кога навистина се одмарате, а не кога вашиот одмор е само бегство од работата.
-Бев во таа ситуација. Испраќање е-пошта додека авионот не полета. Работата ве следи и луѓето ви пишуваат пораки иако знаат дека сте заминале и сте на одмор. Тоа е бегство, обид да избегате од нешто што е ужасно - вели Хенкс, забележувајќи дека одморот што не е бегство дава сосема поинакво чувство.
Гарсија вели дека главниот знак на прегорување е кога возбудата од одморот ве оддалечува од работа.
Истражувањата го поддржуваат ова размислување. Ако очекувате летниот одмор да ве енергизира до крајот на годината, размислете повторно. Чувството на одмор не трае повеќе од неколку дена. Речиси една четвртина од возрасните работници во САД во анкетата од 2018 година на Американското здружение на психолози, изјавиле дека зголемувањето на енергијата и ослободувањето од стрес што го доживеале за време на одморот, исчезнало откако се вратиле на работа. За други 40 проценти од испитаниците, максималниот период на одмор траел само неколку дена откако се вратиле на работа.
-На овој начин, одморите се само привремени решенија за многу поголеми проблеми, како што се неразумните шефови со неуморни рокови, или справувањето со тековните проблеми поврзани со пандемијата на работа. Одморот дефинитивно може да ви обезбеди многу потребна пауза и шанса привремено да го намалите стресот. Меѓутоа, ако се вратите во средина каде што работите се исти како што беа пред да одите на одмор, придобивките што сте ги добиле од одморот брзо ќе исчезнат. Одморот не е лек за прегорување. Прегорувањето не е ваша вина, но нема да исчезне само од себе освен ако не направите нешто во врска со тоа - објаснува Гарсија.

Копчето за ресетирање
Ако навистина чувствувате дека живеете за следниот одмор, преземете чекори кон воспоставување поздрава рамнотежа помеѓу работата и животот. Сметајте го вашиот одмор како копче за ресетирање.
Овие чекори можат да вклучуваат одлучување колку ќе дозволите вашата работа да влијае врз вашите викенди и поставување граници околу тоа кога сте достапни надвор од работа. Оспорете ги претпоставките дека можете да земате одмор само во текот на летото. Затоа Хенкс сега препорачува луѓето да разговараат со своите претпоставени за опциите за платено отсуство, наместо да претпоставуваат нешто што не е вистина. Погледнете дали некој може да ве замени, а потоа да ви ја врати услугата во иднина.
Одвојувајте почести, пократки одмори
Доколку е можно, одвојувајте почести одмори. Има помалку притисок тој еден голем летен одмор да биде незаборавен. Научете да се полните со енергија секој ден, без оглед на одморот. Гарсија препорачува додавање други форми на релаксација во вашиот дневен распоред на активности.
-Тоа може да биде готвење, шетање на кучето, танцување на музика додека чистите или работа во градината. Секако, дури и деновите поминати во гледање ТВ серии можат да бидат релаксирачки. Но, активната релаксација често се занемарува - заклучува Гарсија.
Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik