Премиерката на Обединетото Кралство, Лиз Трас, изјавила дека не се очекуваат рестрикции на струјата оваа зима, но жителите се подготвуваат и за тоа.
Според британскиот медиум „Гардијан“, во Би-би-си подготвиле тајни текстови кои може да бидат прочитани доколку има рестрикции на електрична енергија оваа зима. Со текстовите, Би-би-си ќе ги советува жителите да користат радио од автомобил или уреди кои работат на батерија за да ги слушаат радиопреносите на медиумската корпорација на ниски фреквенции.
Во еден текст пишува дека рестрикциите може да траат до два дена, а болниците и полицијата ќе бидат под екстремен притисок. Во друг се очекува враќање на струјата за 36-48 часа.
Според „Гардијан“, текстовите биле напишани од новинарите на Би-би-си во рамките на рутинско планирање за соочување со хипотетички итни сценарија. При национална катастрофа, Би-би-си има улога да помогне во споделувањето информации низ земјата.
Владата работи со Би-би-си на планирањето идни сценарија, но не се знае дали учествувала во пишувањето на најновите текстови.
Во меѓувреме, министрите ја убедуваат јавноста дека шансите за рестрикции се мали, иако организацијата која ја надгледува дистрибуција на електрична енергија објавила предупредување за можни недостатоци на струја. Од организацијата изјавиле дека во најлошо сценарио, може да има рестрикции од најмногу 3 часа дневно доколку Русија престане да ја снабдува Европа со гас.
Извор:
The guardian
Насловна фотографија: Freepik