X
 21.10.2022 Живот

Јубилејна, десетта, студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР се одржува по десетти, јубилеен, пат.

Ентузијазмот на студентите преточен во реализирана идеја, далекугледоста да се согледаат идните предизвици преточена во повик за жнеење на свежи идеи за акција е она што го донесе СКЕЕОР таму каде што е денес. Оваа година првата студентска конференција во областа на енергетиката и одржливиот развој во нашата земја одбележува десетгодишен јубилеј. Прославува 10 години постоење, повеќе од 1.500 учесници, изработени и презентирани 293 студентски трудови, повеќе од 50 презентации на македонските компании во областа на инженерството и енергетиката, многу разменети дискусии, дружење и бесценети искуства.

За претседателот на Конференцијата, Емилија Наумоска, СКЕЕОР не е само студентска организација, туку е борба за чиста и убава иднина. 

- СКЕЕОР 10 години дава свој удел за побрза неопходна енергетска транзиција. СКЕЕОР е поттик и водечка иницијатива за изнаоѓање креативни и иновативни решенија за теми од кои сите сме засегнати. Иднината мора да биде зелена и сега е моментот да се дејствува и да се инвестира повеќе од кога било во производството на енергија од чисти и одржливи ресурси. Во текот на оваа година, време на енергетска и економска криза, уште еднаш ја увидовме важноста на обновливите извори, енергетската ефикасност и одржливиот развој. Тоа беше дополнителен поттик да работиме повеќе и заедно со мојот тим да ги промовираме СКЕЕОР и неговите вредности најдобро што можеме - објаснува Наумоска.



За нејзината колешка Климентина Паункоска, СКЕЕОР придонесува за подобра комуникација на студентите низ светот и стекнување знаења и искуства за актуелни теми кои сѐ повеќе се дел од секојдневниот живот на луѓето. 

- Младите инженери конечно може да го искажат својот став и да се постават на високи места во хиерархијата. Како што сега се соочуваме со енергетската криза, ја увидовме огромната потреба која ја претставуваат обновливите извори и потребата од нивно добро познавање за да може да се ориентираме кон сѐ поголемо нивно користење. Цел наш тим се стреми кон укажување на сите проблематики и главни теми во денешницата, помогнати од нашиот факултет и нашите ценети професори, како и компаниите во нашата држава, кои несебично помагаат во нашите цели - вели Паункоска.


За координаторот на СКЕЕОР, проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, да се биде координатор на СКЕЕОР е огромна чест и задоволство.

- Затоа што сте во центарот на бунарот од безброј идеи како најдобро да се организираат и изведат сите замисли, да се овозможи учество на сите заинтересирани, но и да се разбуди интересот за вклучување дури и на оние срамежливи студенти кои скромно го кријат својот потенцијал. Да се биде координатор на СКЕЕОР е непрекинато возбудливо и интересно. Тука научив дека нема невозможни идеи, дека финансиите не мора да бидат пречка, дека желбата и замислата, доколку се искомбинираат со труд, секогаш се остварливи. Нашите млади СКЕЕОР-ци кои секоја година се моторот кој го движи овој настан, се како обновлив извор на енергија – секогаш тука, секогаш достапни, секогаш вредни и ако некој не е тука, секогаш постои некој друг кој одлично ќе се вклопи во улогата. Затоа, горда сум што сум дел од оваа авантура, горда на своите студенти и тоа што СКЕЕОР е на нашиот ФЕИТ - додава Стојановска-Георгиевска.

За деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, десет различни генерации студенти на Факултетот, континуирано и волонтерски, ја организираат оваа конференција која добива меѓународен карактер.

- Токму овие студентски лидери на промените одвојуваат дел од своето слободно време и преку воннаставни активности покажуваат општествена одговорност во транзицијата кон зелена енергија и зелена економија. Овие студенти ја подигнуваат свеста за важноста на енергетската ефикасност и животната средина. Како Факултет, и понатаму ќе ги поддржуваме ваквите идеи и иницијативи кои му помагаат на општеството, но и на самите студенти да прераснат во уште поквалитетни носители на промените - додава Ташковски. 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот