Кугелмугел, или во превод од германски јазик сферичен рид, бил изграден од уметникот Едвин Липбургер и неговиот син Николаус во 1971 година во малиот австриски град Кацелсдорф. Тие всушност изградиле сферична зграда со дијаметар од осум метри од дрвени блокови и лим, која служела како сликарско студио.
По неколку години, локалните власти ги информирале дека сферичната зграда нема соодветна градежна дозвола и дека треба да се сруши. Во обид да го заштити своето сликарско студио, Едвин Липбургер ја прогласил Кугелмугел за независна микронација во 1976 година, а себеси за претседател на оваа мала република. Тој рачно сликал улични знаци, па дури и почнал да издава свои поштенски марки, што го довело до проблеми со законот.
Австриската држава никогаш не ја признала независноста на Кугелмугел. Сепак, бунтот на Липбургер привлече голем интерес. Како знак на солидарност, околу 600 луѓе се регистрирале и станале граѓани на микронацијата, кои не се жители на истата.
На почетокот на 80-тите години политичарот Хелмут Зилк предложил Кугелмугел да се пресели во забавниот парк „Пратер“ во Виена. На семејството Липбургер му било ветено дека објектот ќе биде преместен, поврзан со електрична енергија, вода и канализација и дека ќе им биде дозволено нормално да работат, со што тие се согласиле.
Објектот навистина бил преместен во 1982 година, но другите ветувања не биле исполнети, што довело до долготраен правен спор со градот Виена. По смртта на Едвин Липбургер во 2015 година, претседателството на Републиката Кугелмугел го презел неговиот син, а денес оваа „функција“ ја држи Линда Трајбер.
Кугелмугел сè уште стои на истото место и е туристичка атракција што посетителите на „Пратер“ сакаат да ја фотографираат зад железната ограда.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram screenshot