X
 21.11.2018 Економија

Ова се најплатените професии за септември 2018 година

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава изнесува 24.355 денари, соопштија од Државниот завод за статистика. Забележан е раст од 4,8 отсто во споредба со септември 2017 година.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: рударство и вадење камен за 21,9 отсто, информации и комуникации за 15,2 отсто и дејности на здравствена и социјална заштита за 11,1 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во споредба со претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита за 4 отсто, образование за 2,4 отсто и други услужни дејности за 1,5 отсто.

Но, во кој сектор се исплатени највисоките просечни месечни нето-плати по вработен?

Според податоците на Државниот завод за статистика, на првото место е секторот на информации и комуникации со 44.349 денари просечна исплатена месечна нето-плата. Во рамките на овој сектор може да се забележи дека компјутерското програмирање, консултантските и сродните дејности носат најголеми примања, па за нив просечната месечна нето-плата по вработен е 61.821 денар. За работа во телекомуникациите просечната плата била 40.883 денари, а за информативните услужни дејности 34.329 денари.

Второто место е за секторот на финансиски дејности и дејности на осигурување со просечна нето-плата од 40.140 денари, а на третото место е секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 37.672 денари. Четвртото место го зазема секторот на рударство и вадење камен со 34.637 денари.

На другиот крај од листата, меѓу најниските нето-плати, се сектори што не достигнуваат ни 20.000 денари. Така, на последното место е секторот на административни и помошни услужни дејности со 17.444 денари просечна нето-плата.

Потоа следува секторот на објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 17.548 денари и секторот на земјоделство, шумарство и рибарство со 19.893 денари просечна исплатена месечна нето-плата по вработен за септември 2018 година.

Целата табела можете да ја видите тука.


Фото: Државен завод за статистика
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија