X
 22.05.2025 Колумни

Колумна: Моралот - клуч за напредокот на општеството

Во општеството постои систем на вредности, обичаи, норми и верувања кои се социјален ориентир кој го обликува животот во заедницата. Ваквиот систем од морални норми и обичаи се нарекува етика, што доаѓа од старогрчкиот збор ethos што значи обичај. Етиката е филозофска дисциплина или гранка од филозофијата која се занимава со правење дистинкција или разлика помеѓу она што е добро и што треба да се прифаќа и она што е зло и треба да се отфрла.

Мерилото за вредноста на напредокот на општеството се определува според тоа колку се почитуваат моралните норми и вредности и колку се ценат – колку тие се спроведуваат во практиката (во реалноста на секојдневниот живот). За жал, едно се пишува во книгите за моралот и етиката, а во реалноста – во практиката се прави токму спротивното.

Несовршените општествено-политички системи каде што моралот и етиката „се почитуваат“ само на хартија, а не се спроведуваат во дело, се творби на моралот на хипокризијата – на моралот на стадото – нули како што би рекол филозофот и мислителот Фридрих Ниче, според кој, „општиот морал се наметнува бидејќи е од корист; за да му биде обезбедена победа, се води војна и се врши насилство против неморалот – според кое „право“? По никое: само по инстинктот за самоодржување. Истите класи се служат со неморалот таму каде што тој им е од корист“. За Фридрих Ниче, христијанството, револуцијата, укинувањето на ропството, еднаквите права, филантропијата, мирољубието, правдата и вистината се големи зборови кои имаат вредност единствено во борбата како знамиња – не како стварност, туку како украси за нешто сосема друго (токму спротивното). Според овој филозоф, во општеството недостига критика на моралот. Мислителот кој сметаше дека за големите работи човекот треба или да молчи или да говори возвишено, односно цинички и невино, гледа на моралот во општествените системи како на глума и хипокризија за спроведување на неморалот под маската на „моралот“. Општествените институции обоени со хипокритската боја на неморалот сокриен под маската на „моралот“ сè повеќе го насочуваат болното општество кон понорите на небитието – на непостоењето и кон деградацијата на моралната свест.

Моралните вредности и моралот се клучот за напредокот на општеството. Не техниката и технологијата, туку развитокот и еволуцијата на моралната свест се стожерот кој лежи во темелите на прогресот на општеството. Зошто и во која смисла оваа мисла има вонвременско значење?

Моралната свест и духот кој е сржта на моралната свест ги создаваат духовните темели на постоењето и имаат клучно значење за нашиот духовен и душевен опстанок. За да се дојде до одговорите на клучното егзистенцијално прашање за моралот – зошто тој е клучен за напредокот на едно општество, треба да се појде од етимолошкото значење на зборовите (термините) mos, moris што значи обичај, навика и ethos што исто така значи обичај или „проучување на поимите добро, право, должност, обврска, доблест, слобода, рационалност и избор“ што е истакнато во Оксфордскиот филозофски речник на Сајмон Блекбурн. Моралот на „Википедија“ се дефинира како збир на правила на определено општество или општествена класа за содржината и начинот на меѓусебните односи на луѓето и на човечките заедници. Моралот прави разлика помеѓу доброто и злото и е една од најважните одлики на човекот. Но, моралот како морална свест за доброто и злото не е одлика само на човекот, туку е темелен принцип на живеењето на сè што е живо и ја носи во себе искрата или пламенот на духот кој го оживотворува сето она што постои.

Етиката во етичкиот речник на Кирил Темков се дефинира како „систем на животни вредности и дејства на подржување на доброто и избегнување на злото“. Преку етичките дејствија и залагањето за доброто, а избегнувањето на злото, моралната свест се воздигнува и возвишува кон духовните сфери и ги отвора портите кон напредокот на општеството во иднината. Без моралот и моралните вредности, животот ги губи својата смисла и своето значење. Духовните ориентири на животот ги создава етиката, односно моралот и моралната свест. Животот и животните вредности растат со зацврстувањето на темелите на моралот и етиката. Нема напредок (прогрес) во општеството без почитување на моралните закони и етичките кодекси кои се суштински за управувањето со општествените процеси и системи.

Многумина автори истакнуваат дека во современото општество постои длабока ерозија на моралните вредности. Во ваква ситуација на деградација на моралот моралната свест не е насочена кон еволуција и екологија на свеста, туку во општеството се става акцент на прогресивниот развиток на техниката и технологијата, особено на информатичката технологија. Но, како што се покажа, сето тоа не донесе напредок во општеството во духовна смисла. Потребна е екологија на свеста, а не техничко-технолошки развиток. За да се остави трага зад себе што не значи исклучиво „човечка трага“, потребно е да се дејствува во согласност со моралните закони.

Духот како квинтесенција на моралната свест ја придвижува свеста кон повисоките рамништа на постоењето, придонесувајќи за издигнувањето на моралната свест и нејзиното возвишување. Стварноста за моралната свест се отсликува во огледалото на духот. Супстанцијата на духовниот идентитет може да се врати во матицата на настаните – надвор од апокалиптичката визија за историјата - „симулакрум“ само преку искоренувањето на светското зло: „Духовниот идентитет е продолжената егзистенција во вечноста, во која душата се знае себеси транстемпорално. Во таа смисла, духовниот идентитет е коренот на духовната егзистенција на човекот надвор од тековите на цивилизацијата во која владее светското зло. Тој е изворот од кој настанува играта како квинтесенција на духовното. Затоа играта е патот кон исконските темели на духовниот идентитет. Творештвото [..] во одредена смисла како игра – војна на доброто (светлината) и злото (темнината) е пат кон исконските темели на духовниот идентитет“ (Душица Ѓокиќ).

Потрагата по моралната супстанција на духовниот идентитет е потрага по изворот од кој сè настанува – универзалната свест или Бог. Моралната свест во текот на еволуцијата (на свеста) тежнее да се врати кон изворот – кон универзалната свест или Бог. Затоа екологијата на свеста се случува низ процесот на нејзиното духовно издигнување и возвишување. Патот на еволуцијата и (р)еволуцијата на духовната свест поминува низ филтерот на моралната свест. Моралната свест ја прочистува свеста на поединецот од резидуумот на општествените конвенции кои мора да се отфрлат како застарени ако се сака пробив на свеста кон повисоките облици на постоењето преку процесот на распукнувањето на кората на општествената свест и почетокот на (р)еволуцијата на свеста во новите и посовршени облици на духовна заедница (екумена). Прогресот не значи секогаш чекор напред, туку најчесто тоа е создавање и ослободување на простор за творечкиот развој на духовните потенцијали на личноста, а назадувањето може да биде и чекор напред, но кон посовршените механизми на општествената контрола и надмоќ над поединците. Во секој случај, напредокот на општеството е духовна резултанта на ослободувањето на личностите од духовните стеги на хетерономниот морал и создавањето на основите за животот во заедницата каде што се негува автономниот морал кој значи природна инклинација на душата и моралната свест кон доброто – а не постапување добро врз основа на категоричкиот императив „така треба“ кој е наметнат како норма или највисок морален закон. Со други зборови, духовната заедница на високото рамниште на свеста значи природна (ненаметната) инклинација на душата која извира од моралната свест како доблест сама по себе осветлувајќи ни го патот кон иднината – утрешнината.

Автор: Душица Ѓокиќ, магистер по филозофија и независен истражувач на Филозофскиот факултет при Институтот за филозофија на УКИМ
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни