Дали фудбалската еуфорија навистина доведува до повеќе бебиња девет месеци подоцна? По големите спортски успеси, особено по светските титули на Германија во 2006 и 2014 година, често се појавуваше тврдењето дека славењето по улиците завршува со зголемен број на новороденчиња. Иако тоа звучи логично и привлечно, статистиката, податоците од породилиштата и научните истражувања покажуваат дека врската меѓу спортските триумфи и таканаречениот „бејби-бум“ е многу послаба отколку што се верува.
Кога Германија на 13 јули 2014 година ја освои титулата светски шампион во Рио де Жанеиро, по голот на Марио Геце во продолжението на финалето против Аргентина, милиони луѓе славеа низ целата земја. Повеќе од 30 милиони гледачи го следеа натпреварот на телевизија, а набргу почнаа шпекулациите дека девет месеци подоцна би можел да следува бран новороденчиња.
Уште пред финалето експертот за семејна политика од Саксонија, Александер Крауш од ЦДУ“, во весникот „Билд“ предвиде вистински „бејби-бум“.
- Кога топката се тркала, доброто расположение не е само пред телевизорот, туку и во спалната соба. Головите за Германија значат бебиња за Саксонија - изјавил тогаш Крауш.
Таквите процени не беа новост. Слични тврдења го следеа и Светското првенство во 2006 година во Германија, познато како „летната бајка“. Земјата тогаш беше зафатена од еуфорија, навивачките зони беа преполни, а медиумите пишуваа за наводниот бран „фудбалски бебиња“.
Некои болници навистина забележале пораст на бројот на породувања. Клиниката „Асклепиос“ во Хамбург пријавила околу 10 отсто повеќе породувања во март 2007 година. Во Берлин бројот на новородени во истиот месец се зголемил од околу 2.400 на 2.800, додека болниците „Вивантес“ забележале 11 отсто повеќе породувања отколку една година претходно. Келн во април имал 116 повеќе новороденчиња отколку во истиот месец претходната година.
Сличен образец се појави и по Светското првенство во 2014 година. Медиумите објавуваа приказни за „бебиња од Светското првенство“, а некои градови пријавуваа пораст на бројот на раѓања.
Меѓутоа, поединечните примери не биле доволни за да се потврди постоењето на национален тренд. Ако спортскиот успех навистина доведе до поголем број бремености, ефектите би требало да бидат видливи уште пред раѓањето на децата преку податоците од здравствените осигурителни компании, продажбата на тестови за бременост или пазарот за бебешка опрема.
Токму тука се појавија првите проблеми за теоријата за „фудбалските бебиња“. Здравственото осигурување „Бармер ГЕК“ соопшти дека нема податоци што укажуваат на зголемување на бројот на бремености, додека осигурителната компанија „Техникер кранкенкасе“ наведе дека од достапните податоци не може да извлече сигурни заклучоци.
Ниту производителите на тестови за бременост не забележаа невообичаен пораст на продажбата. Компанијата „Долоргит“, производител на тестот „Хилари“, соопшти дека јули 2014 година беше дури и под просекот, додека август беше вообичаен. Продавницата за бебешка опрема „Бејбиван“ навистина пријави поголема продажба на колички, но нагласи дека тој тренд започнал уште пред Светското првенство.
Конечниот одговор го даде статистиката. Пролетта 2015 година истражување на Германската новинска агенција меѓу матичните служби и болниците не покажа никаков невообичаен пораст на бројот на новородени. Ниту приказната од 2006 година не ја издржа подеталната проверка. Сојузниот завод за статистика објави дека во првата половина на 2007 година беа родени 313.100 деца, додека една година претходно бројот изнесуваше 313.900. Тоа значи дека бројот на раѓања всушност се намали за 0,3 отсто.
Опстанокот на оваа приказна е поврзан и со начинот на кој се толкуваат статистичките податоци. Некои скокови во одредени градови или болници можат да изгледаат впечатливо, но не мора да значат дека дошло до промена на ниво на целата држава.
Така, на пример, Келн во април 2007 година навистина забележа повеќе новороденчиња отколку една година претходно, но бројот беше уште поголем во 2005 година, кога немаше Светско првенство. Слично беше и во Штутгарт, каде што растот на наталитетот започна неколку години пред турнирот.
Експертите укажуваат дека врз бројот на раѓања влијаат многу фактори, меѓу кои семејната политика, економските услови, старосната структура на населението и општествените околности. Во Берлин, на пример, зголемувањето на бројот на раѓања во 2007 година делумно беше поврзано со воведувањето на родителскиот додаток, чија цел беше да го олесни усогласувањето на семејниот и професионалниот живот.
Најсеопфатното истражување на оваа тема го спроведе институтот ИЗА, чии истражувачи ги анализираа месечните стапки на наталитет во 50 европски земји во период од 56 години и ги споредија со резултатите на репрезентациите на 27 големи фудбалски натпреварувања.
Резултатите не ја потврдија популарната теорија. Напротив, се покажа дека спортските успеси не се поврзани со пораст на бројот на раѓања. Истражувачите дури регистрираа и благ пад на наталитетот девет месеци по турнирите.
Едно од можните објаснувања е дека за време на големите спортски настани луѓето го поминуваат времето на стадионите, во навивачките зони или пред телевизорите, а не во приватноста на своите домови, наведуваат авторите на истражувањето.
Сличен заклучок уште во 1970 година изнел американскиот демограф Џ. Ричард Удри. Анализирајќи ги тврдењата дека големиот прекин на електричната енергија во Њујорк во 1965 година предизвикал бран на бремености, тој покажал дека на ниво на градот немало никакво значајно зголемување на бројот на раѓања.
Во заклучокот на своето истражување навел дека луѓето често веруваат дека големите настани што ја прекинуваат секојдневната рутина ги поттикнуваат зачнувањата, иако статистиката најчесто не потврдува таква поврзаност.
Приказната за „бебињата од Светското првенство“ покажува колку брзо одредени примери можат да прераснат во долготраен мит. Неколку породилишта со поголем број породувања, полни школи за трудници или неколку впечатливи статистички податоци често се доволни да создадат впечаток за голем тренд, иако пошироката анализа не го потврдува тоа.
Сепак, приказната за „фудбалските бебиња“ веројатно нема да исчезне. На едноставен начин ги поврзува спортската еуфорија, чувството на заедништво и семејната среќа, поради што повторно се појавува по речиси секој голем турнир. Затоа истото прашање се поставува по секоја светска или европска титула, но статистиката засега не покажува дека головите за репрезентацијата автоматски значат и повеќе бебиња девет месеци подоцна.