X
 22.07.2019 Живот

Бесплатни менструални производи за средношколките од Њу Хемпшир

Гувернерот на американската сојузна држава Њу Хемпшир, Крис Сунуну, одобри закон според кој сите јавни училишта би требало да обезбедат бесплатни тампони и влошки за учениците.

-Овој закон е еднаквост и достоинство. Законот ќе помогне да се осигураме дека младите жени во јавните училишта во Њу Хемпшир ќе имаат слобода да учат без пречки - ослободени од срам или од страв од стигматизација - нашиша гувернерот на „Твитер“.

Според законот, менструалните производи треба да се обезбедат во сите женски и тоалети за родово-неутрални лица во јавните средни училишта во сојузната држава.

-Да се биде адолесцент, односно средношколец, е доволно тешко и без стравот и срамот од недостаток од соодветни производи за нега во текот на училишниот ден затоа што не можете да си ги дозволите. Обезбедувањето пристап до бесплатни менструални производи во јавните средни училишта не е идеалистичка, туку основна, клучна мерка за еднаквост и таа одамна требаше да биде воведена - истакна Поли Кампион, коспонзор на законот.

Предводник за одобрување на законот е тинејџерката Каролин Дилон, која се заложила за законот откако дознала колку ученички се принудени да отсуствуваат од училиште затоа што не можат да си дозволат да купат влошки или тампони.

Минатиот месец градоначалникот на Бостон, Марти Валш најави дека градот ќе обезбеди бесплатни менструални производи во сите јавни средни училишта. Њујорк и Илиноис се меѓу другите американски сојузни држави кои исто така обезбедуваат бесплатни тампони и влошки за учениците од јавните училишта.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот