X
 22.07.2020 Живот

Терапевтскиот звук на словенечките пчели

Пчеларството отсекогаш било неопходен дел од словенечката култура и идентитет. Сепак, неодамна доживеа пресврт во својата мисија. Насекаде низ земјата се инсталираат терапевтски пчеларници кои им помагаат на луѓето да се ослободат од стресот и вознемиреноста.

- Пожарникарите имаат стресен живот. За време на интервенциите понекогаш се справуваат со екстремно тешки ситуации: мртви, повредени и други катастрофи. Во рамките на единицата имаме организирано психолошка помош, но самите сакаме да најдеме друг начин за ослободување од тензијата. Токму затоа дојдов до идејата да се занимаваме со пчеларство - вели Јанко Пожежник, шеф на пожарната во Целје.

Пожарникарите што се занимаваат со пчеларството велат дека тоа ги смирува, повременото боцкање од пчелите има позитивен ефект врз ревматизмот, а звукот што го произведуваат пчелите предизвикува релаксација и опуштање. Освен тоа, и мирисот што го испуштаат пчелите има исцелувачки ефекти.

Пчеларството отсекогаш било неопходен дел од словенечката култура и идентитет.

- Верувам дека го имаме во нашите гени. Секоја куќа отсекогаш имала барем неколку улишта - вели пчеларката Андреја Станковиќ.

Пчеларските организации во Словенија имаат околу 11.000 члена. Но, не сите пчелари се дел од некаква организација, што значи дека бројката е многу поголема, со оглед на тоа што Словенија има 2 милиона жители.

- Некои луѓе дури и сметаат дека имаме премногу пчели на толку мала територија - вели Карл Вогринчиќ од словенечката асоцијација на пчелари.

pcela
Фото: Screenshot/BBC

Голем дел од училиштата имаат поставено пчеларници, а голем дел од средбите со психолози, наставници и родители се одржуваат токму таму.

- Честопати немирните деца се испраќаат во пчеларниците за да се грижат за пчелите и да се смират - вели Карл.

За да го подобрат искуството, пчеларите ги опремуваат пчеларниците со кревет каде што луѓето ќе можат да се релаксираат, па дури и да ја поминат ноќта. Често креветот се става токму над улиштата за луѓето да ја почувствуваат енергијата на пчелите и целосно да се препуштат на нивната фреквенција.

2
Фото: Screenshot/ВВС

- Креветот целосно те апсорбира. Се чувствуваш како да си во комора, а пчелите летаат околу тебе - вели Тјаша Станковиќ.

- Атмосферата во единицата е различна, попозитивна. Всушност, барањата за разговори по тешките несреќи се намалени - вели Јанко Пожежник.

- Го снимив звукот на пчелите на мојот МП3-плеер. Кога имам проблем да заспијам по долг ден, ги ставам слушалките, ги пуштам пчелите и лебдам во сон - вели Карл.

Извор: ВВС
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот